Државниот сервис, МРТ известува дека поради актуелната состојба со корона вирусот се откажува овогодинешното, 65-тото издание на Евровизија.
Како што веќе информиравме, Васил Гарванлиев е нашиот претставник и тој во Ротердам, Холандија требаше да настапи со композицијата „You“, на Невенка Нешкоска.
Во продолжение ви го пренесуваме соопштението нa MTВ.
СООПШТЕНИЕ:
65-тото издание на Евровизија се откажува !
Изборот на песна за Евровизија беше создаден по Втората светска војна со цел да ги обедини нациите од Европа, разделени по катастрофалната војна. Шеесет и пет години подоцна Евровизија повторно е на голем тест, овојпат од пандемија која повторно ги раздели народите, терајќи ги да останат дома во изолација и да ги затворат границите.
Со огромно жалење ЕБУ денес соопшти дека мора да го откаже 65-тото издание на Евровизија закажано претходно за месец мај во Ротердам, Холандија.
Во нивната официјална објава се вели дека во изминатите неколку недели биле разгледани сите алтернативи и опции Евровизија 2020 да продолжи понатаму. Но со оглед на непредвидливата ситуација со ширењето на вирусот COVID-19 низ цела Европа, рестрикциите од страна на владите на земјите учеснички, како и домаќинот Холандија, ЕБУ не може да продолжи со понатамошна организација на настанот.
ЕБУ ги замолува сите да бидат трпеливи до следните информации во текот на периодот којшто следува.
Македонската Радио Телевизија ќе ги следи и почитува одлуките на ЕБУ и ќе дејствува во координација со нив.
7дена.мк
Коментарите се затворени