Со цел за што поголема афирмација на младите, „Охрид-фест“ и годинава им дава приоритет и шанса на дебитантите. Покрај Тоше Проески кој во 1998 година на фестивалот настапи со „Усни на усни“ и се вивна во самиот музички врв и многу познати пејачи своите почетоци ги имаа на ,,Охрид фест“.
Токму затоа веруваме дека ова 29-то издание на фестивалот ќе биде многу успешно за Никола Зацески, Мила Николовска и Марија Цветановска.
МИЛА НИКОЛОВСКА е дипломиран соло пејач и вљубеник во музиката откако знае за себе, а настапот на „Охрид фест“ особено ја радува.
– Голема чест ми е да пеам композиција од Давор Јордановски, човек кој има оставено голем белег во создавањето на безвременската музика, вели оваа млада девојка.
Инаку Мила потекнува од уметничко семејство: таа е ќерка на диригентот Саша Николовски- Ѓумар а мајка и е Сања Шутевска, балетски кореограф. И покрај тоа што ја заврши гимназијата „Орце Николов“, музиката сосема „ја совлада“ па беше логично да продолжи со Музичка академија.
– Учествував во мјузиклот „Тајно моја“ каде што бев втора главна улога, а во моментов пеам во Про Арс- професионален хор со кој снимаме музика за Netflix и настапуваме во Македонската Филхармонија, раскажува Мила. – Имам и бројни соло настапи во Музејот на македонската борба, Романсијада а учествував и на Скопско Лето каде се пееја македонски евергрини- настапив со оркестрот Полифонија со „Молчи, молчи љубов моја“ и „Ко два диви елена“.
НИКОЛА ЗАЦЕСКИ има настапи на фестивали, концерти и натпревари во Македонија но и надвор од неа, но настапот на „Охрид фест“ му е прв, и токму затоа- уште поголем предизвик.
– Искрено, ќе ми биде особена чест и огромно задоволство да настапам на фестивал како што е „Охрид фест“, бидејќи е со огромна традиција, а и Охрид е еден од најубавите градови во Македонија, раскажува Никола. Песната се вика „Ни вино, ни солзи”со музика и текст на Григор Копров, со кого ми е огромна чест да соработувам а аранжманот е на Владимир Дојчиновски – Дојчин, и сите како тим сме возбудени да го промовираме музичкото дело кое го креиравме со многу љубов и убава енергија.
Инаку, музичкиот талент и искрена љубов кон музиката (посебно македонската) Никола ја покажува на најрана возраст- почнува да свири пијано на десет години, завршува средно музичко училиште во Битола и факултет за музичка уметност „Илија Николовски Луј“ во Скопје.
Уште за време на студирањето Никола учествува на многу интернационални музички натпревари во Русија, Полска, Франција, Шпанија и Бугарија, освојувајќи многу индивидуални и награди со хорот.
Гласовната едукација продолжува во Русија, Италија и Австрија, каде Никола го усовршува оперското пеење и почнува да пее и поп и традиционална македонска музика.
Музичкиот талент и пред се љубовта за македонската традиционална музика го води и во играорството. Од седум години зема учество во фолк ансамбли како играорец солист, но и кореограф. Како кореограф соработува со Националната Македонска Фолклорна група „Танец” а во 2018 кога се преселува во Австралија, се приклучува на Австралискиот танцов ансамбл „Тоше”, „Бисер” и „Бенџо Академи”- како главен кореограф.
МАРИЈА ЦВЕТАНОВСКА има 18 години и е ученичка во средното музичко училиште во нејзината сакана Битола. Уште од дете е со музика, со 8 година за прв пат се појавила на сцената на детскиот фестивал „СИ-ДО“ во Битола, но како што ни раскажа, пеела и ја претставувала нашата држава на многубројни меѓународни фестивали.
– Имам освоено неколку први места и дури 9 Гран- прија на фестивали во Србија, Бугарија, Хрватска, Босна, вели Марија. – Како најголеми успеси би ги издвоила : 2-ро место на фестивал на светско ниво Viva la Musica во Тенерифе- Шпанија, Македонското талент шоу, Звезда број 1, каде што стигнав до самото финале и добив повеќе покани за учества и соработки и моето претставување на Македонија во финалето на SanRemo Junior во Италија. Уште бев мала а веќе го издадов првото авторско ЦД, а сум одржала и свој самостоен концерт и имам 15 авторски песни. Освен пеењето, изучувам клавир веќе 10 години.“
Појавувањето на „Охрид- фест“ е голема радост и за Марија затоа што знае дека нејзиниот глас ќе се чуе во нашата земја и подалеку. Таму ќе се претстави со песната на Давор Јордановски, композицијата направена за нејзин сензибилитет. Таа, исто како и ние, со нетрпение очекува да се појави на сцената на Долни Сарај.
Вања Тодоровска