Супи и чорби, за да ги смирите цревата ама и мислите
Кнедли за супа
Потребно е: 60 г гриз, 2 јајца, 1 лажица масло и малку сол.
Во чинија измешајте 2 жолчки, гриз, малку сол и цврст снег од белки и добро измешајте. Со мало лажиче вадете кнедли и спуштајте ги во супа која врие се` додека не станат меки.
Рибја чорба
Потребно е: 1 кг разни видови риба, 1 лажица масло,1 лажица брашно, зелен за супа, кромид, јајце, лимон, лавров лист, кисела павлака, 1 лажиче алева пиперка, магдонос, црн пипер во зрно и сол.
Рибата се чисти и се сече на парчиња. Изборот е ваш, па откако ќе направите комбинација, ја ставате во тенџере заедно со кромидот, морковот, пашканатот, лавровиот лист, црн пипер и сол. Откако рибата ќе омекне и зеленчукот ќе се свари, направете запршка и ставете ја во чорбата која веќе врие. Зачинете ја со павлака, жолчка, сок од лимон и, на крај, со китка сечкан магдонос. Доколку сакате луто, за време на варењето на чорбата можете да додадете лути пиперчиња.
Крем чорба со јајца
Потребно е: 1 кг компир, малку црн пипер, малку сол, 70 г путер,
половина литар млеко, 1 л вода и 3 јајца.
Излупените компири исечете ги на коцкички и сварете ги. Потоа испасирајте, ставете сол и црн пипер по вкус и додадете го путерот. Варете 15-ина минути. Во меѓувреме, изматете ги јајцата, полека ставајте ги во чорбата што врие, постојано мешајќи.
Чорба од зеленчук
Потребно е: 100 г тиквички, малку сол, 30 г путер, 100 г моркови, малку магдонос, 50 г карфиол, 100 г грав и 50 г целер.
Гравот се вари, потоа се процедува. Тиквичките, морковот и карфиолот се сечкаат ситно и се пропржуваат на путерот. Потоа, се соединуваат со гравот, во едно тенџере и се оставаат да вријат. Се сечкаат целерот и магдоносот и се додаваат во тенџерето. Потоа се става да се довари заедно уште 20 минути и се зачинува по желба.
Крем супа со праз и копар
Потребно: 1 кг праз, копар, филџан млеко, 2 лажици путер, малку брашно, 2 дл кисела павлака, сол и црн пипер по желба.
Приготвување: исчистете го празот, исечкајте и динствувајте на путер 5-7 мин, додавајќи по малку вода. Тргнете го од огнот и оставете го да се олади. Од брашното, путерот и млекото направете бешамел. Додадете го измиксираниот праз и кратко да проврие. Посолете, додадете црн пипер и кисела павлака, промешајте и послужете.
Супа со печурки
Потребно е: една шолја бело вино, 400 г печурки, сол, маслиново масло,
малку лимон, лук и 1 јајце.
Бидејќи содржат голем процент на вода, печурките со термичка обработка видно го намалуваат обемот, а поради својата сунѓереста структура, впиваат и повеќе маснотија. Главицата кромид исчистете ја и ситно исечкајте ја. Печурките исечете ги на тенки ливчиња. Загрејте го маслиновото масло во длабок огноотпорен сад, додадете ситно исечкан кромид и динствувајте додека лукот не стане стаклест, водејќи сметка да не загори. Потоа мешајте ги печурките 1-2 минути. Сипете вино и 4 шолји вода, поклопете и варете на тивок оган 20 минути. Потоа додадете исечкан лук и зачини, измешајте, поклопете и варете уште 15 минути. Пенесто изматете ги јајцата со малку сол. Одвојте малку чорба и наизменично додавајте по малку лимонов сок и чорба во јајцата. Оваа смеса полека сипајте ја во чорбата, цело време мешајќи, поклопете и оставете да отстои 10 минути. Пред служењето, посипете со црн пипер и малку мешан зачин.
Фото-Pexels, Pixabay
Коментарите се затворени