Сушено овошје во домашни услови
1. Изберете го овошјето
Првин треба да изберете кое овошје сакате да го исушите, а најдобро овошје за сушење се бананите, јаболката, кајсиите, праските, вишните, грозјето и крушките. Многу е важно овошјето да биде зрело, но не презреано. Исто така, треба да знаете и колку суво овошје ќе добиете од свежото. Ако земете 12 кг свежо, ќе добиете приближно 2,5 кг суво овошје.
2. Подготовка
Ако е можно, изберете овошје од органско потекло. Овошјето добро измијте го. Мора да ги излупите бананата, праските и крушките, додека јаболката можете да ги излупите или не морате. Овошјето треба да го подготвите за сушење, а еве како:
– светлото овошје како што се јаболката, кајсиите, бананите и праските натопете ги во лимонов сок пред да ги ставите за печење. Лимоновата киселина ќе го спречи нивното потемнување;
– исечете го овошјето на парчиња или резанки со подеднаква големина и дебелина за да може подеднакво да се исушат;
– на јаболката извадете им ги семките и исечете ги на резанки;
– кајсии: исечете ги на половина и отстранете ги семките;
– банани: исечете ги на тркалца;
– вишни – извадете ги семките, исечете ги на половина или оставете ги цели;
– праски: излупете ги, извадете ги семките и исечете на четвртинки или осминки;
– крушки: излупете, исечете на половина, извадете ги семките и исечете ги на резанки.
3. Сушење на овошјето
Загрејте ја рерната на 60 степени со вклучен вентилатор, а во меѓувреме наредете го овошјето на плех за печење. Нека не се преклопуваат парчињата. Ставете го овошјето во рерна, но не затворајте ја докрај вратата, за да може воздухот да циркулира. Овошјето бавно се суши. На пример, јаболката може да бидат суви за 8 часа, додека за другото овошје ќе ви треба и до 24 часа.
Исушеното овошје извадете го од рерна и оставете го да се излади. Потоа можете да го соберете во тегли, пластични ќесиња или некои други пластични садови. Чувајте го на суво место.
Коментарите се затворени