Тајните на убавите жени – Маја Глигоровска
Маја Глигоровска е бивша манекенка, иако и сега знае да прошета по модната писта и – предизвика воздишки. Велат, таа е најубавата најставничка во „Браќа Миладиновци“ во Аеродром, иако по професија е магистер по Односи со јавност. Маја нема ниту грам сало, но има прекрасна коса и тен, и вели, ништо не е случајно. Зад таа нејзина „скоцканост“ стои упорност, грижа и челична волја.
„Јас сум од оние кои не се потковани само теоретски, туку го живеат животот со сите правила за здравјето и убавината, и ги спроведуваат во пракса. Тоа подразбира дека она што генетски сум го наследила ( во моето семејство нема гојазни луѓе), се трудам да го одржам како форма, да останам фит, бидејќи ми овозможува чувство на леснотија. Удобно ми е во облеката која ја носам…и секако на тој начин сум и самата задоволна од она што го гледам во огледалото. Не можам да кријам дека ми значат и ми годат позитивните коментари на околината, особено кога ќе ми кажат дека сум секогаш „скоцкана“.
По 30- тата година е потешко да ја одржувам линијата, како и на сите жени. Тоа значи дека не вечерам по 19 часот. Во мојата исхрана изобилува овошје, зеленчук, риба, мешунки.. Далеку од тоа дека не посегнувам по брза храна – но ако знам дека денес сум претерала, следните неколку дена се „казнувам“ и сум само на течности. За да ми бидат ткивото и кожата нежни, покрај исхраната тренирам во континуитет, вежби со сопствена тежина и кардио- тренинзи.
Секако дека правам и третмани како мадеротерапии и слично, кои се попопуларни на нашиве простори. Со нивната помош правам дренажа за подобра циркулација на организмот. Значи, покрај мајка природа, за да изгледам вака, денес правам максимален влог и сум дисциплинирана а Miss En се грижат за мене.
Инаку, првата работа што ја правам секое утро – се качувам на вага. Доколку видам килограм плус, не се смирувам додека не го симнам.
Се што научив пренесувам на син ми, кој е голем гурман, затоа се трудам да му ги наметнам моите правила, да се храни здраво, го носам на кошарка, го учам дека она што го внел- важно е да го потроши. И, така некако правиме баланс и ужуваме во постигнатите резултати.
Коментарите се затворени