Тања Турунџиева: Исхрана кај девојки во пубертет и адолесценција
Во сите овие години на нутриционистичка практика сум забележала дека секоја фаза на жената е различна, но некако најхедонистички се однесува во периодот на пубертет и во адолесцентниот период, кога се јавуваат првите проблеми со вишок килограми, со појава на акни и митесери.
Тој дополнителен комплекс на вишок килограми доведува до импровизирани диети, што водат до уште поголеми штети поради хормоналниот дисбаланс. Дополнителното изгладнување може да доведе до запаѓање во анорексична или булимична фаза, со што се доведува во прашање и здравјето на девојката. Многу е важно во тој период родителите да дејствуваат на неа, да се разговара сериозно на темата, без навреда на нејзината личност. Таа категорија девојки ми се најспецифични и иако имаат аверзии кон одредени типови храна, сепак се многу дисциплинирани. Брзо забележуваат дека со промените во исхраната акните се смируваат, се чисти лицето, се воспоставува рамнотежа. Почнуваат да јадат во големи количества зеленчук и овошје и манџи како боранија, леќа, леблебија, печурки, се преориентираат да не јадат многу месо и одредени млечни производи. Во одредени денови го снабдуваат организмот само со свежи ензими, за да ги почувствуваат благодатите од нив врз нивната кожа, метаболизам, како и врз имунолошкиот систем.
Кога веќе ќе станат студентки, девојките преминуваат во друга фаза, кога поради брзото темпо и начинот на живот, немаат ред и дисциплина во однос на исхраната. Почнува да се јавува првиот целулит поради статичната состојба и недоволниот внес на течности, особено вода. Јасно е дека жените во овој период од животот се во континуиран стрес, што се рефлектира и на имунолошкиот систем и на метаболизмот, но не треба по секоја цена да посегнуваат по фаст-фуд или да пијат големи количества кофеински пијалаци, за да останат будни во вечерните часови.
Тоа е една од заблудите за кафето и кофеинските пијалаци, што се контраиндицира со елиминирање на калциумот од организмот, како еден од виталните минерали. Во тие периоди на напорно учење и работа препорачувам медитерански начин на исхрана со големо количество риба, морски плодови и печурки како идеален протеин за концентрација и заштита на имунолошкиот систем во комбинација со безглутенски житарки што во себе содржат до девет аминокиселини, многу витамин Б и магнезиум – она што го чува нашиот нервен систем.
Месечна тревога во форма на ПМС
Потребна е урамнотеженост од три оброка дневно, што ретко се случува кај жените, затоа што се плашат од толку оброци и така почнува импровизирањето во однос на исхраната – се елиминираат многу продукти, се јавува опсесивна потреба за благо, за леб, за млечни производи како нешта без што не се може, особено во период пред циклус. Тогаш треба да го исклучиме чоколадото – точно е дека го поткрева серотонинот, меѓутоа треба да се знае дека една од причините за мигренозните болки во предменструалниот циклус е токму чоколадото и кофеинските пијалаци. Доколку внесуваме корисни семиња во претпладневните часови (лен, сончоглед), тие со својата калориска вредност ќе ја контролираат и потребата за благо. Научно е докажано дека тие што не го токсицираат организмот во периодот на ПМС имаат многу посмирен организам и метаболизам.
Коментарите се затворени