Тања Турунџиева: Која е вистинската храна за жените во менопауза?
Многу е важно жената да има ред и дисциплина во исхраната, што ќе одржува рамнотежа и нема да го тревожи организмот и метаболизмот.
Не така одамна, менопаузата беше една од забранетите теми и сѐуште е фаза од животот на жената во која потешко се преминува. Во тој период жената веќе се заборава себеси, не си посветува внимание, едноставно, живее во една права линија. Спротивно на нашата практика, западната жена во тој период ужива во таа постара зрелост, затоа што си го посветува вниманието на себеси.
Многу пешачи, пие течности, внимава на исхраната, се посветува на читање книги, посетување на културни настани, патувања, и сѐ она што би го направил подолговечен и посреќен животот.
Уште еден парадокс за нашите жени во споредба со западните, е присуството на остеопороза во сѐ поголем пораст, иако ние важиме за поднебје со многу сонце, каде што се јадат млечни производи- поради калциумот, додека на Запад тоа е нешто што се јаде ретко, но затоа се консумираат јатки, се пијат многу течности и се внесуваат нутритиви, што ќе ја направат жената среќна.
Тоа е многу важно бидејќи станува збор за период кога жената запаѓа во чести депресии, се чувствува заборавена и тогаш почнува покачување или драстично намалување на килограмите. Реткост е да видите возрасна жена со добра линија – или е екстремно слаба или е со екстремен вишок килограми, што значи дека имаме реален проблем токму во таа фаза, токму заради апстиненцијата на одредени нутритиви, а форсирањето други, како и поради губењето на енергијата и негрижата кон себеси.
Во тој период на менопауза број еден нутритив е сојата – секако говориме за органска, нехибридна соја, без ГМО, што го снабдува организмот со сите потребни фитоестрогени што веќе ги губиме со навлегувањето во менопаузата. Естрогенот што нѐ штител во текот на целиот живот, одеднаш го нема и токму во тој период на навлегување во менопауза сме најкревки. Тогаш навистина треба многу да внимаваме на исхраната. Одредени нутритиви веќе треба да ни бидат трајно заборавени – белиот леб, благото, најразличните сирења, бидејќи докажано е дека растителниот калциум многу побрзо се ресорбира во организмот отколку животинскиот, што се депонира и тогаш настануваат проблеми со зголемени липиди, појавување на дијабетес, зголемување на килограми, оптоварување на црниот дроб и бубрезите и сѐ она што може да го надразни ендокриниот систем, наместо да му направи добро на организмот.
Со текот на годините, стануваме свесни дека килограмите многу брзо се качуваат, ама многу потешко се симнуваат, затоа треба да внимаваме да не ги наталожиме и да се справуваме и со нив, и покрај здравствените проблеми што се јавуваат во доцната зрелост на жената.
Нутриционистички препораки во исхраната на жената
Постојат одредени продукти што, освен благодати на организмот, ќе придонесат за жената да биде убава и среќна. Во секојдневието на жената треба да биде присутно сезонското овошје и зеленчукот. Во нивната сезона, јагодата, праската, лубеницата, грозјето, ананасот и смоквата се овошја што ја прават жената убава, а како и сите други овошја, треба да се внесуваат во претпладневните часови.
Од јатките би ги издвоила сировите бадеми и ореви, како нешто што им дава убавина на косата, коските, забите, кожата и ноктите (не повеќе од 20, односно 5 ореви дневно), потоа, семките од сончоглед и лен, како и за сите оние што имаат проблем со калциумот, семките од сусам. Маслата од лен и од сусам се од суштинско значење за заштита на организмот од најразлични проблеми во различните периоди од животот на една жена, како недостиг на калциум, анемии, опстипации…
Од зеленчуците би ги издвоила коренестите : морковот, целерот, белата трупка, потоа авокадото, што не е специфично за ова поднебје, но предводи во однос на убавината кај жената. Следуваат пиперката, кромидот, лукот, празот – сите зеленчуци што во себе содржат специфични етерични масла, што го подобруваат имунитетот и, едноставно, нѐ разубавуваат. Потоа, доматот, што е многу здрав за женскиот организам поради ликопенот што го содржи, а кој ја штити жената од карцином на дојка и на репродуктивни органи. Многу важни се и мешунките, значи леќата, боранијата, леблебијата, потоа органската соја, рибата што треба да биде присутна барем трипати неделно, печурките – сѐ она што ќе придонесе да имаме здрав и добар женски метаболизам.
Важно е и присуството на безглутенските житарки особено киноата и амарантот, покрај просото и хелдата, како и палентата и пченката поради присуството на бета каротин и корисни јаглехидрати што потпомагаат за смирен нервен систем и метаболизам.
Коментарите се затворени