Топ-моделот Алек Наумовски, нашиот прв Зоки Поки
„Зоки Поки“, култната детска книга на Оливера Николова, повторно е во „жижа“ со екранизација во новата тв-серија, но интересот за неа постои откако децата се вљубија во секој збор на омилената писателка. Значи- уште во минатиот век, а првиот Зоки Поки, верувале или не, беше нашиот топ- модел Алек Наумовски, кој ни откри многу за неговата тогашна љубов- актерството.
– Се сеќавам, „Зоки Поки“, беше телевизиска драма, некаде во раните осумдесети години, во режија на Миле Гроздановски- се сеќава Алек Наумовски. – Улогата на Зоки Поки ја добив после неколку проби. Инаку, во тоа време бев дел од Детското драмско студио, под водството на Софија Гогова- Врчаковска, каде снимав и глумев за Македонското радио и телевизија . Зоки Поки се снимаше на неколку локации, куќата ми беше импресивна, во Пионерски Дом – Карпош а мајка ми познатата актерка Катерина Крстевска. Многу уживав и се давав целосно, слушав сугестии и навистина бев „на висина на задача“.
Алек ни откри дека како мал мечтаел да биде актер а покрај Зоки Поки имал ангажмани во многу други серии и филмови а најдрагата му е улогата на Мете во серијата „Едно лето“.
– Епизодата се снимаше на Пелистер а голема чест ми беше што имав заеднички сцени со бардот на македонското глумиште Петре Прличко. Тоа беше мојот најубав период од детството- добивав совети, кои ми беа голема помош, од постарите колеги – Сузана Киранџиска, Сенко Велинов, Мирјана Тодоровска и многу други.
Освен тоа, за македонското радио се правеа најубавите радио- емисии како што е „Шарена емисија за деца“, „Добро утро другарчиња“, каде имав огромна чест да играм покрај големите имиња како што се Таска Балабанова, Божо Софрониевски, Цветанка Трпкова ( мајката на Синоличка ) и Вукан Диневски. “
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени