0.8 C
Skopje
вторник, јануари 28, 2025
spot_img

Тоше е тука со нас, засекогаш


Не го сакам октомври.
Како што поминуваат деновите, месеците и годините од тој 16 ден на листопад 2007-ма година, повторно истото чувство на немоќ, некоја чудна, подмолна апатија… И колку и да бегам, стравувам да не заталкам во тунелите на толку пати повторените зборови на недотрошена тага, што често звучат тривијално. Се чувствувам беспомошно, деновиве сум малечка, ронче во свемирот, па ми доаѓа да се сокријам, да влезам во буквата Т.
Тоше.
Сончево, ѕвездено дете.
Се сеќавам на се – на професионалните средби кои, дур си трепнал станале топли пријателства, зошто Тоше иако млад, имаше стара душа: сакаше, гушкаше како да е татко, со толку многу топлина, широчина во неговите прегратки можеше да го стопли целиот свет. Момче со анѓелски глас го разнежни Балканот, ги омекна најтврдите срца, и да, сигурна сум дека живеење во „неговото“ време не направи подобри луѓе.
Песни, интервјуа, фестивали, концерти, турнеи, патувања, гостувања по емисии, Евровизија, пак интервјуа, анкети, граници, музика.., се среќававме често и верував, ќе трае засекогаш.
Се што мислев тогаш, се остана негибнато во мојата меморија: често пишував за Тоше, иако мали а големи работи останаа во мене, како тајна лозинка на луѓето што се разбираат молчешкум… Навистина беше посебен.
Патем, мојата најтешка професионална работа во новинарската кариера беше Фељтонот за Тоше, во тогаш добро етаблиран дневен „Утрински весник“ каде што работев 18 години. Неколку месеци по сообраќајната несреќа требаше да почнам да пишувам. И јас бев ранета од тага, кревка, ми беа споени денови и ноќи, светлоста и темнина, талкав низ сеќавањата, и чудно се редеа зборови…Не знам како пишував, но сега сум спокојна бидејќи многу работи ставив на хартија.

Читајќи го повторно фељтонот, го барав оној таен знак, она нешто што ќе ме увери дека животот на Тоше е најубавата работа, најголемото чудо и привилегија што сме од истата планета.
Иако се чини дека се е кажано за Проески, за неговото детско срце и чиста мисла, не е најдена вистинската мерка за недостасување. Како се мери тој копнеж? Со „Игри без граници“, „Још увек сањам да смо заједно“, „Усни на усни“, „Чија си“, „Го лажам секој нов рефрен“, „Молика“, „Цреша“, „Немаш ни благодарам“, „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, „Љубена“, „Тајно моја“,„Некаде во ноќта“, „Во коси да ти спијам“….Километри, многу музика што ни станаа синоним за љубов, старовремска чесност и добрина.
Премалку за збогум.

А, реално гледано, после Тоше веќе ништо не е исто. Одвреме – навреме, ќе блесне некоја инстант ѕвезда, со можност за траење, но константната убавина, особено онаа – на душата, по која се препознава личната лирика, па песните звучат така волшебно, нема, не постои.
Ќе речам- никој не успеа да го замени, но дали е тоа воопшто можно, и потребно?
И, како се бранам од спомени и мисли кога слабите емотивни „браници“ претежнати од се и сешто, во овие денови кога мислам на Тоше попуштаат?
Со музика, со зборови. Токму затоа сакам да го цитирам Мирослав Рус, затоа што тоа нивното беше посебна музичка и човечка врска, а тој неодамна во интервјуто за 7дена.мк, го отвори срцето и ја даде поентата на вечното прашање.
„Го сакав и јас бескрајно, така и ќе остане. Тој беше човек душа, а гласот го издаваше, гласот на анѓел.
Јас велам вака- постојат три вида на пејачи: лоши, добри и Тоше.
Него никој и не треба да го замени, иако многумина стоејќи на прсти тоа се обидувале. Не треба, затоа што тој е тука, со нас, засекогаш…“

Валентина Вања Тодоровска
Фото- Принтскрин јутјуб

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена