Шеф Бобан Билбиловски: Америка како чекор поблиску до сонот
Шеф Бобан Билбиловски започна нова животна приказна: неодамна со своето семејство се пресели во Америка, се со цел уште повеќе да се надградува како готвач. И како што вели, по целото искуство што го стекнал во својата татковина – да започне со градење на кариерата во САД.
-Америка ја гледам како земја на можности и остварувања на животните соништа, вели Бобан, со кого брзо искомунициравме благодарение на социјалните мрежи.- Тука сум многу поблиску до мојата цел а тоа е да бидам готвач кој што е ценет и наградуван и се разбира престижот на секој готвач, да го достигнам врвот со Мишелин звезди. Пак ќе кажам, тука сум бидејќи е многу чекори поблиску до сонот.“
Неговото ново патешествие започнува во ресторанот Nikola’s, како шеф на кујна и одговорен за над 20 вработени во кујната. Таму Бобан ќе ја презентира македонската традиционална кујна и во редовното мени ќе воведе најомилени македонски рецепти како што се тавче гравче, турли тава, македонска салата и многу други.
Инаку, целата иницијативата за оваа голема промена дојде од самиот сопственик на ресторанот Nikola’s, кој беше воодушевен од кулинарските дела на Бобан.
Секој ги сака успешните луѓе во својот тим, така се градат уште поуспешни заеднички приказни.
Инаку, ресторанот се наоѓа во Салтфилт – Мичиген, а Бобан вели дека уште од самото пристигнување во Америка се почувствувал многу пријатно, како да е тука роден.
– Штом објавив на мојот ФБ профил дека сум пристигнал, веднаш ми пишаа многу од моите сограѓани, сите од мојот роден град Тетово, који се тука преселени од поодамна. Многу ми беа драги и значајни средбите со нив затоа што ме советуваат за животот и начинот на функционирање тука, бидејќи е поразлично од дома.
Инаку, јас сум по природа човек кој сака предизвици, затоа и се преселив во Америка. Едноставно е: со работа и труд секогаш се стигнува до целта.“
Му посакуваме на Бобан многу среќа. Знаејќи го како вреден, очекуваме убави вести во иднина.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени