Што читам: Бранка Костиќ-Марковиќ
Во ова време во кое сите имаме големи грижи и сме во постојана неизвесност, ретко кој од нас има концентрација да продолжи со вообичаената динамика на читање и да го задржи истиот правец на вообичаен книжевен интерес. Имаме повеќе време, но имаме помалку фокус, па така само некои четива „ни лежат“ и успеваат да ни го задржат вниманието. Мене овие две книги совршено ми се вклопија во периодов на изолација и топло им ги препорачувам на читателите, бидејќи со вонвременските мудрости што ги содржат ќе им помогнат да си го исчистат умот и да си обезбедат спокој. А до двете може едноставно да се дојде: можат да се порачаат преку интернет.
Шунмио Масуно: ЗЕН – Уметноста на едноставното живеење
Преку јасни, практични и лекции што се учат лесно – по една на ден, во текот на сто дена – познатиот будистички свештеник евоцира мудрост стара со векови, за да ви покаже како да ја применувате суштината на зен-будизмот во модерното живеење.
Тука ќе научите како длабоко да издишувате за да ги исфрлите негативните емоции, како да го средувате својот дом едноставно, што ќе ви помогне да ги расчистите вашите мисли, да ги подредувате обувките навечер, за да внесете ред во вашиот ум, да засадите едно цвеќе и да гледате како расте, помалку да се грижите за она што не можете да го контролирате и уште многу други нешта… Дури и ќе си создадете време за да не размислувате за ништо. Поедноставете си го животот со уметноста на зен-будизмот и научете како да се чувствувате порелаксирано, поисполнето и со обновено чувство на мир и спокој.
Марк Менсон: Сè е за*бано, книга за надежта
Од авторот на интернационалниот мегабестселер „Е, баш ме заболе“, доаѓа контраинтуитивен водич за проблемите со надежта. Живееме во интересно време. Материјално, сè е подобро од кога и да е, но некако сè изгледа како да е непоправливо и ужасно заебано. Што се случува? Ако некој може да ја именува нашата моментална малодушност и да ни помогне да ја решиме, тоа е Марк Менсон.
Во „Сè е заебано“, Менсон исцртува планини од психолошки истражувања базирани на безвременската мудрост на Платон, Ниче, Кант, па и на Том Вејтс, за да ги дисецира религијата, политиката, парите, забавата и интернетот. Со неговата препознатлива комбинација од ерудиција и хумор, Менсон нè предизвикува да бидеме почесни кон себеси, отворено спротивставувајќи се на нашите дефиниции на верата, среќата, слободата – дури и на надежта.
Еден од најголемите модерни автори напиша уште една книга што ќе ја постави агендата на годините што доаѓаат.
Коментарите се затворени