Што читам: Лиле Корубин
Денес, во светот на се по присутните екрани и монитори, лесно е човек да заборави колку големо е задоволството од прочитана добра книга.
Тековниов период е исклучително стресен и тежок за сите нас, а добро е познат фактот дека читањето книги ја зголемува емпатијата и емоционалната интелигенција, што доведува до подобра интеракција помеѓу луѓето. Дури, некои истражувања тврдат дека луѓето кои читаат книги имаат подолг животен век од оние кои не го прават тоа, а впрочем и ја зголемува визуелната фантазија, онака, како само вие можете да си го претставите приказот на самото дело.
Моментално ја читам книгата од Ziya Tong „The Reality Bubble“ – која е наградувана и е светски бестселер.
Невидливата реалност, слепите точки и илузиите што го обликуваат нашиот свет е целосна претстава за она што ние НЕ го гледаме, а го обликува нашиот свет. Тоа е темата, размислувањата и анализата на Тонг, во оваа научна и многу занимлива книга. Всушност, тоа е многу актуелна тема, за климатските промени, исхраната, каде е нашето место во оваа реалност и дека ние, посебно урбаниот човек, работите ги прима такви какви му се сервираат со многу малку или површинско познавање на сите претходни процеси за нивната реализација. Така одвоен од природата за разлика од неговите далечни предци ( кои биле директно поврзани со природата), тој има многу малку удел во креирањето и во одговорноста за она што го сочинува нашиот живот и иднина.
Авторката на оваа книга е моја внука од сестра со која сум многу блиска, а живее во Торонто.
Со маж ми Рубенс имаме навика заедно да читаме книги, или, додека тој слика јас му читам кога имам слободно време, бидејќи знаете дека пишувам и уредник сум на Divianarts.com.
Постојано се навраќаме на книгите за уметноста и повторно ги читаме старите митови и легенди, воодушевувајќи се на нивната чистота, јасна мисла и порака.
Коментарите се затворени