6.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Јелена Антиќ: Јас сум милијардерка

Таа е првата Македонка која заигра за Евролига а моментално се подготвува за следниот голем трансфер. Сеуште е тајна каде ќе го затресе кошот, но Јелена Антиќ е голем професионалец : виспрена, рационална и навистина бескрајно шармантна. Спортот и ги донесе најголемите радости но и покрај толку награди и признанија, убавата кошаркарка вели дека поради пријателите, што ги има на секое делче на земјината топка, таа е најбогатата на светот, вистинска милијардерка.

Јелена, се подготвуваш за нов професионален предизвик, можеби и за ново поглавје во животот. Чувствуваш ли возбуда?
– Оптимизмот и вербата во себе, огромниот труд, високите стандарди што си ги поставив, контролата и самоконтролата, направија најстабилно и цврсто да застанам и излезам уште посилна по повредата…
Секојдневните напорни тренинзи сигурна сум дека ќе ги дадат очекуваните резултати. Го чекам мојот следен трансфер. Секако возбудена сум…после подолгата пауза.
Продолжувам понатаму : технички совршена, рационална и се надевам успешно спектакуларна.

Велат, најтемно е пред да се раздени…Како го помина периодот на закрепнувањето, по повредата? Што научи, и што би им порачала на оние што допрва почнуваат со кошарката?
– Не е лесно кога ќе се соочите со сериозна повреда во екот на спортската сезона. Спортот не е лесна професија и во тие моменти мора да се има силна волја, баланс, душевен мир и хармонија, и да се остане строго фокусиран на лекувањето, терапијата, тренинзите и опоравувањето. Секако императив е да се биде во рацете на стручни луѓе, доктори, физиотерапевти, тренери….бидејќи и најмал пропуст во опоравувањето од сериозна повреда, може да биде кобен за спортистот.

Јавноста не знае се за твојата интернационална кариера – а имаш куп блескави моменти, награди (меѓу кои и за најдобра кошаркарка минатата година), интернационални признанија.., твојот живот е нешто како остварување на американскиот сон…
– Имав само 15 години кога заминав за Америка. Далеку од дома, со една мисла и желба да го остварам мојот кошаркарски сон. Условите во кои живеев, тренирав, учев, беа на највисоко можно ниво, луѓето кои се грижеа и сите оние што работеа со мене, ми пружија несебична подршка, посветеност, време и емоции во текот на мојот долгогодишен престој во Америка. Јас ја оправдав нивната доверба…Остварив голем дел од мојот американски сон. Многу награди, титули признанија, понуди за соработка…сето тоа ми го ставија на дланка. Одличен успех, огромно искуство, соработка со врвни спортисти, тренери, моќна игра е големо школо за мене.
По моето враќање од Америка, мојот прв трансфер беше белградски Партизан, потоа следеа Макаби- Израел, Алба Јулиа-Романија, Зарагоза-Шпанија, Лулеа-Шведска, потоа Евролига Wisla Krakow-Полска. Ја имав таа среќа секаде да ја понесам титулата на успехот, освоени првенства и високи резултати за тимовите за кои настапував. И да бидам првата Македонка која заигра за Евролигата.

Што те научи Америка? Кои искуства ти користат денес и има ли разлика помеѓу европската и американската кошарка?
– Да, постои голема разлика помеѓу женската кошарка во Америка и кошарката во Европа. Европската кошарката е подинамична, се дозволува поагресивна игра, иако физичката подготвеност на американците е неспоредлива со европските играчи. За американската кошарка што да се каже…тоа е земјата на кошарката, со најсилната лига на светот WNBA И NBA . Секако треба прилагодување на стилот на игра, каде и да се оди, секаде постои можност за напредување, професионален развој и успех.

Додека играше за Партизан, два пати бевте шампиони на Србија. Каков беше тој период во Белград?
– Белградскиот Партизан е моето прекрасно спортско искуство. Врвен тренер, одлични играчи и вистински другари, и публика која може само да се посака. Јас бев нивното омилено Македонско девојче. Со таква подршка неизбежно мораше да се победува.

Тогаш, доколку богатството се пријателите- ти си вистинска милијардерка, имаш пријатели на секое делче на планетата.
– Моите родители ме научија и воспитаа дека најголемото богатство се пријателите и затоа кругот на моите пријатели и познаници е бескраен. На секоја земјина дестинација има по некој кој секогаш ќе ме дочека со раширени раце, спремен за искрена дружба, радост и споделување на заедничките успеси. И,….ако пријателството е репер за богатство…..Да, јас сум милијардерка.

Што мислиш, зошто во својата земја човекот најспоро доаѓа до некакво етаблирање, најтешко го признаваат на својот терен?
– Македонија има многу таленти и многу докажани имиња кои допринесоа за афирмација и надвор од границите и заслужуваат подобар третман и статус во општеството. Јас како професионалец би сакала луѓето кои се компетентни, а тоа значи исклучиво спортски професионалци, да направат напор повеќе да се вложи во спортот, што значи повеќе спортски сали кои ќе бидат достапни за сите што го сакаат спортот, опремени теретани, едукација на тренери (кондициони и стручњаци на теренот), добар скаутинг на младите спортисти низ цела Македонија, финансиска мотивација, јак маркетинг и најважното: луѓе со големо несебично срце, визија,
желба за напредување и успех на спортот и спортистите.
Само тогаш вистински ќе бидат вреднувани успесите, трудот, резултатите на спортските амбасадори на својата татковина.

Патем, што станува со македонската кошарка?
– Кошарката има дефицит од женски играчи, за разлика од машката, што е голем хендикеп за тимовите и секако за македонската репрезентација. Потребна е сериозна организација, залагање, подготовка и мотивација на играчите, за да се постигнат соодветни резултати. Приоритетите да се стават на повисоко ниво, да се покаже зрелост, знаење и визија за местото на спортот во нашата земја.

Колку спортска култура им недостасува на младите денес? Ти почна „со проодување“ и веројатно си поборник на константата- во здраво тело, здрав дух?
– Така е од збор до збор, бидејќи девизата – Во здраво тело здрав дух, јас најсериозно сум ја разбрала.
Добриот сон, одморот, ведрата мисла, начинот на исхраната, редовниот тренинг, прошетки во природа, се основните начела кои секој човек, не само спортист, би требало да ги почитува и спроведува континуирано. Доброто здравје е темел на квалитен живот, а со квалитетен живот човекот е посреќен, задоволен и успешен. Потрудете се……вложете во себе и своето здравје….трудот секогаш се исплати.

За крај, колку убавината ти помогна (одмогна) во спортот? На пример, дали ти понудија некаков рекламен ангажман, чисто да ја „искористат“ твојата надворешност?
– Убавината на една жена, надворешната во комбинација со внатрешната е рај за окото и мелем за душата. Грациозноста, шармот, културата, елоквентноста и уште многу финеси ја надополнуваат за да биде комплетна. Секако, убаво е чувството да бидеш привлечен за некого, се добива поголема самодоверба и можност за експонирање и на полето на модните случувања.
Нескромно ќе кажам дека имав доста понуди во светот на модата, креациите, рекламите и со огромно задоволство работев и соработував и на тоа поле. По професија сум дипломиран графички дизајнер, така што и самата сум инспирирана во тој правец. Спортот, уметноста и музиката се мојата движечка сила, мојот „Модус Вивенди“.

Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена