Во потрага и потреба за среќа, бараме инстант- совети и исти такви решенија. Тоа ми личи на брза диета; колку што брзо слабееш , толку брзо ги враќаш килограмите. Кој е вистинскиот и траен пат до тоа убаво чувство?
-Веднаш на почетокот ќе кажам дека среќата е прашање на личен избор, па затоа- среќен си колку што ќе одлучиш да бидеш. Нема тајна формула за постигнување трајна среќа, бидејќи кога би постоела, тоа би ја условило среќата од одредени компоненти. Потоа, среќата е вистинска кога нема да можеш да ја асоцираш со ништо а кога тоа чувство го врзуваш за нешто (партнер, работа, материјални добра, здравје) ризикуваш да бидеш длабоко несреќен, кога овие нешта ќе ти бидат одземени.
Секој од нас има своја претстава за среќа и согласно со таа визија се обидува да ја постигне. Кога би требало да го опишам чувството на апсолутна среќа, а се сметам себеси за компетентна бидејќи ја живеам оваа состојба секојдневно, тогаш би рекла: „среќата е апсолутен мир во душата, тишина во која можеш да го слушнеш пулсирањето на крвта во вените“..
Јована Огненовска- Бакаловска : среќен си онолку колку што ќе одлучиш да бидеш.
Потоа, среќа е кога умот е тивок и кога сета енергија во телото ти е раздвижена до сите клетки.. Кога живееш во сегашниот момент, оти тоа е единствениот реален момент во кој дишеш и постоиш, се останато е илузија на реалноста што била или допрва треба да дојде… Вистински пат до среќата не постои, оти ако постоеше тоа значи дека среќата е нешто што треба да го најдеш, а тоа пак ја негира универзалната вистина дека сите сме родени среќни. Патем, тоа е твоето ултимативно право од самото раѓање и среќата ја имаш во себе… За да ја живееш реалноста на апсолутна среќа, треба да си веруваш себеси дека се е во ред и се се случува за твое повисоко добро. Ете, во тој момент среќните моменти стануваат благослови, а оние помалку поволните моменти или незгоди, стануваат лекции од кои треба да извлечеме поука.
Колку е долг процесот на заздравувањето, психичко и физичко, како да го контролираме умот на кој му е полесно да се држи до „усвоените принципи“- страв и исплашеност, наместо љубов и благодарност?
– Во мојата пракса како психотерапевт сум видела случаи на исцелување и закрепнување за помалку од 24 часа, но исто така сум сведочела и на терапии и третмани што траат со години без некаков видлив резултат. Се е произволно и се зависи од нас самите. Во денешно време, западната медицина има многу мал успех во лекување на состојби, наспроти големиот успех во третирање. Ти можеш да третираш некого до последен здив, без реално и видливо да му помогнеш.
Механизмот на исцелувањето е дирекно зависен од поврзаноста: тело-ум. Кога духовниот и телесниот аспект се во хармонија, телото е здраво. Болестите се само манифестација на дисхармонија или одредени нарушувања во енергетскиот баланс во телото.
Сигурно не сме толку наивни да го исклучиме психичкиот аспект во третирањето на телесни болести?
За жал, нашите лекари апсолутно ја потценуваат моќта на телото да се исцелува само, и со подбив реагираат на секој обид на пациентите самите да си го најдат лекот. И тука почнуваме да живееме во шаблони – „ако не се напијам антибиотик, инфекцијата нема да се смири“ или „не можам да го поминам месечниот циклус без таблети за болка“ или „моето дете е подложно на алергии оти и јас бев таква“. Тука станува збор за апсолутна врзаност за „усвоени принципи“ за кои некој не убедил дека се вистина за нас самите и, како велат старите „десет пати повторена лага, станува вистина“.
Ова се само дел од негативните афирмации со кои секојдневно се хипнотизираме, или со кои медиумите влијаат на нас. „Умот е покорен слуга, но незгоден газда“ па затоа самиот треба да го раководиш, а тој во себе крие огромен потенцијал да манифестира се што ќе посакаш. Затоа внимавај што посакуваш, може да ти се оствари! Инаку, благодарноста е најлесниот пат за достигнување апсолутна хармонија во телото, бидејќи кога се заблагодаруваш, ти веќе потврдуваш дека поседуваш нешто што те прави среќен и му ставаш до знаење на Бога или Универзумот, дека сакаш уште повеќе од тоа што те прави среќен. Ете така се креира вибрациска реалност во која си апсолутно присутен!
Најчесто, тргнувањето по овој пат е предизвикано од голема тага, немир, болест…И твојата приказна е многу интересна, победничка. Раскажи ни, каков беше патот на оздравувањето, како научи самата да се сакаш?
– Отсекогаш сум знаела, чинам се родив со идеја дека Бог ме создал за голема приказна. Растев со оваа замисла дека сум голема душа која чека да блесне во својот вистински сјај. Но, големите приказни со себе носат и големи предизвици. И мојот живот, од моето раѓање е една прекрасна егзотична приказна зачинета со многу авантури и предизвици. Здравствената состојба ми ја одржа најголемата животна лекција: за да манифестираш малигна состојба во телото, требало да имаш огромен отпор. Отпори во телото се создаваат кога постои дилема помеѓу реалната и посакувана слика а кај мене, очигледно овој дисбаланс бил голем.
Животот е чудо ако веруваш во чуда: Јована извојува победа над премрежието од минатата година
Како психотерапевт знаев дека исцелувањето немаше да се случи доколку не се поврати изгубената хармонија во телото. Па оттука и почнав, од ЉУБОВТА. Секојдневно си повторував себеси колку сум убава и посебна и колку се сакам и се прифаќам себеси комплетно. Како повеќе ослабуваше моето тело, така јас го јакнев духот. Кога психички воспоставив некаков ред, телото почна самото да се исцелува. И затоа ќе речам: љубовта е лек за се. Кога се сакаш себеси, ти ги сакаш сите околу себе. Кога се сакаш себеси, ти се прифаќаш комплетно и ништо повеќе не може да те растажи и разлути, бидејќи тоа не е „твојата вистина“.
А вистината е дека сите ние сме посебни и уникатни и таа различност треба да ја негуваме. Кога посакуваме да се идентификуваме со некого, тогаш почнуваме да правиме дисбаланс помеѓу реалната и посакуваната слика за себе. Најважно е дека лекувањето оди по обратна насока – враќање кон сопствениот извор на среќа, кон сопствената единственост, со сакање, прифаќање и поддржување на се што сме и се што правиме.
Често се врзуваме за предмети или луѓе што можат „да не направат“ среќни? Тоа зборува за нашата мрзливост или за несакањето на себе си?
-Враќањето во Македонија ме врати во реалноста-кога си помеѓу луѓе што ги познаваш со години наназад, сведочиш за сите промени низ кои минуваат. Ова што се случува во нашето општество е една масовна хипноза на врзување на опстанокот, радоста и среќата со материјални извори на задоволство. Неможејќи да се усреќиме себеси, т.е да се прифатиме, ние одобрувањето го бараме од некој однадвор и почнуваме да поставуваме стандарди за среќа. Така, оддеднаш да бидеш среќен значи да земаш плата повисока од 500 евра, да возиш скап автомоби, да одиш на долг годишен одмор, да се омажиш за партнер со одреден социјален статус, да ти завршат децата факултет, да имаш добра пензија… Многу луѓе ја живеат оваа реалност, но зошто тогаш и понатаму се несреќни? Затоа што ја врзале среќата за материјални добра и состојби и кога тој извор на среќа ќе биде оттуѓен, ти си длабоко несреќен… Кога сопствената среќа ја врзуваме за нешто надвор од себе, значи дека не верувааме дека можеме да бидеме задоволни. Навистина е многу едноставно да се биде среќен, ама бара посветеност и вложување и труд. Кога наутро се будиме, пред да почнеме да му наоѓаме мана на денот, ајде да се заблагодариме за се што имаме, така ја поткреваме внатрешната вибрација во телото и од состојба на недостаток, се префрламе во реалност на изобилство. Кога имаме чувство на изобилие во умот, телото е релаксирано и исполнето со љубов и радост. Што е тоа ако не идеална состојба на безусловна среќа!
Тогаш не треба ни да се прашува функционира ли воопшто законот на привлекување…Но има ли вистина во делот за парите и нивното доагање – од неочекувани извори?
-Секогаш и секаде функционира Законот на привлекувањето, тоа што мислиш, тоа и стануваш. Или си во состојба на изобилство или во состојба на недостаток, ти одлучуваш како ќе вибрираш. Најлесно е да се изманифестираат пари, тие се енергија и доколку веруваш дека ги заслужуваш, ќе ги имаш. Апсолутно тврдам дека во светот има неограничено количество на материјални добра за сите. Проблемот кај оние кои немаат пари е што мислат дека не ги заслужуваат. Јас се радувам кога ќе ми дојде сметка за плаќање, бидејќи некој таму некаде смета дека сум заслужла да ми ги довери своите услуги. Енергијата на парите треба да има влез и излез, т.е за да имаш, треба да заработуваш и да трошиш. Доколку со одбивност гледаш на сметките за плаќање, ти даваш јасна порака дека немаш доволно пари и на тој начин се блокираш себеси за изобилство. Кога јас нешто силно посакувам да имам, а во моментот немам доволно пари, замислувам дека сум добила џек пот на Лото и дека чекам 30 дена да ми ги исплатат парите. Во тие мигови креирам во телото вибрациска реалност на изобилство и речиси секогаш се случува да ми пристигнат пари од очекувани и неочекувани извори… Доколку одиш наоколу и викаш „го сакам ова ама скапо ми е“, ти оставаш јасен впечаток дека имаш „недостаток на пари“ и вибрираш недостаток. Тука е замката. И најцврстото нешто е само згусната енергија што ги држи честичките заедно во одредена форма. Кога овој принцип ќе го усвоиш, сфаќаш дека со своите мисли, што се исто така енергија, можеш да креираш се, па дури и сопствената реалност. (ВањаТодоровска)