Ако под 30 години кариера подвлекуваме линија, резимето е 2.500 претстави, филмови и телевизиски серии, над 90 улоги и ненадминливост во рољите на Шекспир, рецитали што се лепат за душа, неколку сопствени концерти… Зад сите овие бројки, трагата, белегот е на е актерот Петар Горко, ама не е „само“ тоа. Неговата автентичност, поинаквост е во бесконечност- во се што прави, се дава до коска, до последната капка. Ете, затоа Горко е- Горко.
Искрено кажано 30 години е импресивен период, особено во професија која е плодна и бележи фантастични периоди. Како се чувствуваш Петар?
– Огромен период за да се чувствувам предобро. Секако дека сум среќен и задоволен, не дека не можеше поинаку, на друго место со многу повеќе, но, задоволството од мојата работа е многу поголемо од можностите што би било кога би било…
Голем број на импозантни улоги, друштво со врвни режисерски имиња, работа со најдобриот театар во Македонија. Многу успеси, награди, гостувања…
Треба да се биде среќен, треба да се ужива во животот и во приватниот и на сцената. Горд сум што сум ваков каков што сум, и што околностите ми го збогатија името со голем број на улоги и одиграни претстави.
Јубилеите постојат и да се прослават. Што да очекува публиката на 12 сепрември?
– Години наназад правам концерти со групата „Калабалак“, имам свои фанови, публика која ме обожува и тоа е единствената причина да се собереме заедно под името „Дружба со публиката – 30 години театар Петар Горко“, во прекрасен простор Чифлик винарија Битола.
Верувам како и секогаш, ќе направиме журка за паметење со клип кој ќе го пуштаме на следните јубилеи.
Исто така на јутјуб поставувам претстави во кои јас играм, се што имам дома, така што публиката ќе има можност да се потсети на нив, а помладата за прв пат да гледа прекрасни претстави на Битолскиот театар.
На што од овој период си особено горд? Имаш импресивни улоги, гостувања, настани, концерти, а сепак не се смени, рефлекторите не ти го испровоцираа егото?
– Егото е најголемиот непријател на човекот, посебно на уметникот, тоа е она што те влече надолу и не ти дозволува да се вивнеш во својата слобода и изразни средства и на сцената и приватно. Работејќи на себе, преку бројните улоги и големи педагози – режисери и соработници, имам само една девиза – јас сум само човек и секогаш тоа ќе останам. Сите кои не се придржувале кон оваа девиза, според мене, успешноста не ги задоволува основните човечки норми за нивните обожаватели, а тоа за мене е страшно.
Колку Битола е горда што го има Петар Горко?
– Големиот број на пријатели, разни друштва за кои никогаш не гледам на возраста, напротив се гордеам со тоа, само ми покажува дека сум бил на вистинскиот трасиран пат. Има и негативни коментари, луѓе кои не се гордеаат на ничиј успех па така и на мојот, но тоа е нивен проблем, нивна карма, не моја. Научив да живеам во мојата средина, односно во цела Македонија каде успесите не се вреднувани, па доволни ми се моите, оние што ме сакаат искрено, најпрво семејството – најважното во животот, а понатаму пријателите, обожавателите, публиката која сеуште гледа дали играм во некоја претстава за да дојде на театар, тоа многу ме радува и ми дава сила да продолжам понатаму радувајќи ги и нив, без оглед на се полошите општествено меѓучовечки односи и негативности што ни се случуваат ама баш на сите.
Покрај штиците што живот даваат, понежниот пол го сака твојот манир на рецитатор. Сугестивно и романтично. Колку уживаш во тоа?
– Тоа е една друга страна во мене, со ист порив како за театар, но ова е поинаку, уште поблиску, пренесување на емоции преку песни низ музика. Музиката ме испирира секогаш и сакам тоа да го правам. Да, најбројна е женска публика, во прашање што е исто една убава околност, знаат да возвратат со иста искреност и пинг- понгот се претвора во магија која сите не опфаќа. Незаменливи искуства, тоа е и причината зошто со ваков настан и прославувам.
Валентина Вања Тодоровска