Ќазим Асотиќ: Одмори што се паметат
Летото секогаш асоцира на патување, одмор, безгрижност, сини утра и убави звуци на природата… Годинава е се поинаку, и додека привикнуваме на „новата нормалност“ можеме да патуваме и со мисли, потребно е само да џбурнеме меѓу спомените.
Во тој контекст, еве на кои лета Ќазим Асотиќ најрадо се сеќава.
„Долгите топли ноќи со звуците на шумолењето на брановите и покрај мене срцебиењето и мирниот сон на син ми, после цел ден пливање, трчање и играње на плажа.., се слики врежани во моите спомени кои засекогаш ќе ме потсетуваат колку е силен, голем благословот да се биде родител. И, нормално да се ужива во секој момент со сопственото чедо.
Тоа беа дамнешни години поминати покрај езера, мориња…
Последниве години уживајќи во средовечноста, седејќи на плажа со пријатели и внуци се сеќавам секогаш на времињата кога викав по син ми – не оди во длабокото, иако знае да плива… родителска грижа…
И, како годините минуваат, така и обврските што ги имав работно не ми дозволуваа да уживам во летните езерски или морски авантури, туку бев сконцентриран на создавање на нови проекти за приближување на нашата класична култура со Европската, со светската…
Ден ќе беше „украден“ седнат покрај плажа со пријатели и пак споделувајќи идеи за тоа што може да биде.
Годинава за жал виртуелно ќе го прошетам светот, не само јас туку очигледно поголемиот дел од граѓаните. Новата реалност е нова грдосија која нè спречува во создавање нови спомени.
А, јас дури размислувам за нови проекти, мојот сега веќе возрасен син покрај некоја плажа или на планина ужива со друштво. Сега тој таму создава спомени на кои секогаш радо ќе се сеќава, како што тоа го правам јас.
Нашата нова реалност, ова наше лето можеби ќе ни дозволи барем ден поминат покрај некое наше езеро. Барем за мене.
Посакувам убави спомени секому летово и покрај ситуацијата во која сме.
Во грст мрачни идеи да фрлиме шака светки кои ќе останат да светкаат како спомен на уште една мината година. Секое добро, секому!
Радувајте се и чувајте се драги мои!“
7дена.мк
Коментарите се затворени