А – Авантура. Нон- стоп ја барам и секогаш ја наоѓам.
Б – Бескрајност. Со зборови неможе да се дефинира ниту пак опише, единствено може да се опипа преку духовноста и уметноста.
В – Вода. Највитална за целиот живот на планетата но и најголема инспирација за сите кои се стремат кон поуспешен живот: мирна вода брег рони.
Г – Грозје. Главен виновник за две волшебни традиции: правење на домашно вино и ракија.
Д – Диско. Популарна музичка форма која доминираше во 70 -тите години на минатиот век окарактеризирана со бујни оркестрации, синкопирани бас линии, потентни гитарски рифови, хипнотизирачки рефрени и неодолив ритам кој прави барем за момент да заборавите на вашите проблеми.
Ѓ – Ѓомлезе. Мирисот кој потсеќа на нашите баби и дедовци, визити и слави.
Е – Еснаф. Чесен, одговорен и домаќин човек. Да ги имаа овие вредности политичарите, ќе цутеше цела планета.
Ж – Жетва. Слатка ми е само тогаш кога е резултат на мојот личен труд.
З – Занает. Како што вели старата изрека:‘Занаетот никојпат не те остават без леб, ако не врнит, ќе капнит’.
Ѕ – Ѕевс. Врховен Олимписки Бог и голем љубовџија.
И – Изгрев. Исто толку убав како зајдување, но со помала доза на носталгија и поголема доза на оптимизам.
Ј – Јабланица. Една од најубавите планини во Македонија.
К – Канео. Повеќе пати опеано во Охридските староградски песни, Канео е најфотографираното место во Македонија, токму поради совршениот спој на природната раскош и човековото ремек- дело, Црвата Свети Јован Канео.
Л – Лабино. Единствената охридска дива плажа непосредно до стариот град. Од таму зајдисонцата можат само да се доживеат бидејќи со зборови неможат да се опишат.
Љ – Љубов. Без неа животот ќе нема суштина ниту значение.
М – Македонија. Таму Господ ми дал душа, таму почиваат моите предци, таму е мојата татковина.
Н – Небо. За некои граница а за некои почеток.
Њ – Њујорк. Мојот втор дом.
О – Охрид. Мојот прв дом.
П – Пазар. Кога е богат велат имало и од пиле млеко.
Р – Рис. Мистериозно и тајновито животно која има битна улога во разни митологии ширум светот. За среќа, почна да се враќа во планините низ Македонија.
С – Среќа. За неа нема потреба од дефиниција, сите ја препознаваме кога ќе ја почуствуваме.
Т – Трпение. Спасение
Ќ – Ќеиф. Малку на душата, малку на телото и животот песна станува.
У – Успех. Колку успеси, толку причини за славење. Нека се множат!
Ф – Фитнес. Грижата за сопственото тело е едно од најубавите нешта кои можеме да ги правиме.
Х – Хоризонт. Колку повеќе се шири, толку поубав станува.
Ц – Цел. Мајка на мотивацијата.
Ч – Черешна. По можност Охридска.
Џ – Џез. Дали било Свинг, Би Боп, или некоја од многуте фузии на џезот, амбицијата за креативно импровизирање никогаш не патела.
Ш – Шипинки. Најомилениот џем од моето детство беше токму џемот од шипинки.
7дена.мк