15.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Ај фил фуд. Бадник, вечера за сплотување

Годинава во коледарското утро не ме разбуди детската песна. Стравувањето не е без причина, пандемијата воведе нови правила па годините наназад, кога во темни зори се слушаа весели детски гласчиња и тука и таму „сомнителни“ коледари, „младинци“ што ноќната забава ја продолжуваа со ѕвонење по врати, засега ќе ми биде складирано во уредни сеќавања што деновиве ги редам едно по едно….
Нова година, во времето кога растев, во префорсирани очекувања од луда, најлуда ноќ, се што правев не беше доволно добро да се принесе на олтарот на последната вечер во годината. И, како за баксуз никогаш не бев доволно расположена, не можев да се приклучам кон глобалната „хај приказна“, затоа што мислев- дека сум лимон табиет. Во меѓувреме поминаа многу возови, денови и години, го сменив критичниот став кон себеси, но нешто остана исто.
За таа посебна, најпосебна ноќ- нешто одвнатре се буни, ме влече за ракав, ми ја искривува устата надоле… Шест дена, односно шест ноќи подоцна, за Бадникова вечер сум- своја на своето и со молчење кажувам се. Првин молитвата, како дел од водичот за освестените, како прилог кон обичаите, испитувањето кон исконската жед кон традицијата. Мојата молитва е поврзана за спокојот, да си го сочувам мирот во душата, за домот, најблиските, пријателите, а од непријателите- самата се чувам.


„Кај и да си, за Бадник дома да си – поучува душевната поговорка, што ја истакнува поврзаноста на домот со убавите празнувања. Па и за оние што не се домаќински типови, се чини дека со собирањето на бадниковата вечера, и потоа и со Божиќ, ги „искупувааат“ гревовите. Често си мислам, што е живот ако не куп спомени, а сликичките се врежуваат и не пожолтуваат, како да биле вчера.
Знам дека на овие обичаи поинаку гледаат детските од очите на возрасните па затоа, куќи кај што има ситни деца, можни се најразлични местенки поради паричето. И многу често, во лебот се ставаат не едно, туку две или три пари, што го диктира бројноста на подмладокот. Ама и мажите се деца, па и на нив, одвреме навреме треба да им се намести париче- колку да се потсетат дека годинава одбраните за среќа.


Ете затоа, Бадниковата вечер ја достигнува кулминацијата со кршењето на лебот а регуларноста на ритуалот, најчесто оди во рацете на задолжениот за трпезата. По дома нели, регуларно, секој може да си изиграва Господ.
Јадењата на бадниковата вечера се исклучиво посни, и исклучиво вкусни. Риба, пита со праз, месен леб и грав, посни сарми, туршија. Сето тоа се налева со црвено вино. Па се каснува варена тиква и ореви, костени и бадеми, мандарини, смокви и урми…Убавина што трае…


Најубавото и најзабавно е што трпезата не се раскрева цела ноќ. Помини замини, секогаш можеш да чепнеш и да немаш грижа на совест.
Среќни празници!
Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена