Ај фил фуд: Буковска пипер, мирудија од минатото, што подготвено ја чека иднината
Почнаа дождови: сивилото ги натежна облаците кои затекнати од „брзото“ заминување на летото, оддеднаш посивеа. Ладничко е а ниските температури разбудуваат носталгија- во мојата се наоѓа ужинка од детството: парче леб намачкано со маст и наросено со пипер. И тоа не обична, туку прочуената Буковска пипер, незаменлива во македонската кујна и во познатите специјалитети што зборуваат за нашиот гастрономски идентитет.
Селото Буково, во непосредна близина на Битола, „татковина“ на буковската пипер, во рана есен е накитено, нагиздено со низи суви пиперки. Куќите се црвенат од овие вкусни ѓердани, а миризбата е примамлива, предизвикувачка.
Вистинската адреса поврзана со буковската пипер е кај семејството на Даниела Мандровска: атмосферата наликува на семејните приказни, а сите домашни имаат свои конкретни задачи. Таа и сопругот Јове се ангажирани околу производството, машкиот дел е задолжен за потешките работи, берењето на пиперките а потоа, толчењето, а Даниела ги ниже пиперките, ги „груши“ и на крај, ги пакува. Подмладокот, ќерките Бојана и Сара, во чекор со времето се задолжени за промоцијата на буковската пипер по социјалните мрежи, и тоа добро им оди.
И како секоја приказна и оваа за буковската пипер почнува- од почеток.
-Производството на буковската пипер како традиција постои повеќе од 150 години. Ние традицијата ја наследивме од нашите предци и не сакавме да го прекинеме производството, раскажува Даниела. – На почетокот не ни беше многу исплатливо, од економска гледна точка. Потоа во 2014 година Slow Food Битола ни предложи соработка и даде предлози за заштита и промоција на нашиот производ, кои со радост ги прифативме и официјално започнавме да ја произведуваме.
Со реализирањето на проектот поддржан од Глобалниот економски фонд и Фондацијата за биодиверзитет на Слоу фуд, ги поставивме основите на ова што го имаме денес. Слоу фуд ја разбраа вредноста на старото семе, начинот на производството и вреднувањето на производот на пазарот. Така е формиран Президиумот буковска пипер, како резултат на иницијативата на конвиниумот Слоу фуд Битола, а буковската пипер како посебен бренд се’ повеќе се вреднува на пазарот.
Посебноста на Буковската пипер е токму во традиционална изработка, идентично како што се правело некогаш, на органски, природен начин. Има посебна, црвена боја и многу пријатна арома што долго се памети.
И сосема логично се наметнува дилемата зошто токму Буковската пипер е најдобрата и во што се разликува од другите.
– Всушност, тука е тајната, бидејќи станува збор за посебна сорта на црвени пиперки кои единствено се одгледуваат во атарот на село Буково, на надморска височина од 750 метри, вели нашата домаќинка.
И потоа се е историја – приготвувањето на буковската пипер започнува во есен. Додека времето е топло, црвените пиперки во низи се сушат надвор, на отворено. Потоа, кога ќе залади, во ноември, пиперките се носат во сушница. Тоа е мала просторија каде има печка и тука пиперките се досушуваат, на температура од 60 до 80 C, околу една до две недели. И финалето е толчењето: рачната обработка со посебни алатки, дрвеното кутле и ќускија, односно со аван и толчник. Пиперките се толчат, а патот до пипер во прав, верувале или не, брои околу 50-тина удирања.
„Луѓето ја сакаат, заинтересираноста за буковската пипер е голема, констатира Даниела. „Ја среќаваме се’ почесто, кај сите генерации како резултат на тоа што свеста на луѓето за конзумирање на органската храна е на високо ниво во последните години. И, во зависност од вкусовите на луѓето, подеднакво се конзумира и лута и нелута пипер.“
Со буковската пипер е како со малите нешта во животот- толку ни се дел од животот, што мислиме дека се подразбираат . Но кога ги нема, големо е нивното отсуство.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени