Задоволство ми е да го споделам овој рецепт, бидејќи, и покрај тоа што бев сигурна дека комбинацијата на состојките гарантира доживување за мерак, навистина бев изненадена од меката, речиси кремаста текстура на оваа погача. Рецептот го видов на социјалните мрежи, ме привлече, но беше на турски, па за среќа тука со превод ми помогна нашата диџејка Соња Исмаил.
Направив неколку ситни измени, но сепак, рецептот ми успеа од прв пат.
Топло препорачувам да ја направите погачата, се подготвува за 10 минути, а времето потребно за печење е 30-35мин (7-8 минути на претохдно загреана рерна на 220C, а потоа на 190-170C).
Потребни состојки: 2 тиквици, 2 компири, 3 јајца, 40гр рендан пармезан, 90мл (100мл ако сакате помасно) масло, 1 неполна чаша брашно (може да се надоплони со малку пченкарно), прашок за пециво, убав, голем грст босилек, ситно исечкани листови и гранче од целер, (но вие можете да си користите пола китка магдонос, нане, млад кромид, бидете дарежливи со зелените тревки…)
Од мирудии користев сол, црн пипер, ноктец и мешавина од ким и кумин, но слободно импровизирајте со оригано, буковец…
Подготовка:
Во длабок сад изрендајте ги тиквиците и за да ја постигнете текстурата за која зборувам, важно е да ги исцедите со рака или на цедалка. Истата постапка се прави и со компирите.
На страна рачно изматете ги јајцата, додадете го маслото, пармезанот и мирудиите.
Додадете ги останатите состојки, па се заедно во садот и добро измешајте.
Многу е важно добро да процените во какво тавче ќе печете, бидејки ова е плитка погача, не треба да биде повисока од 2-3 цм, инаку нема да го постигнете тој прекрасен флафи момент.
Пропорачувам да сервирате со сос од: рендано лукче, кисело млеко или павлака, рокфор…
Наздравје!
Текст и фото- Лидија Георгиева