Некако знаев, претчуствував, и ми беше логично дека стартот на биографијата на Слоу фуд Охрид ќе биде успешен. Дека ќе изненади со многу кулинарски екстраваганции, дека „Вкусете го Охрид… локално“ ќе наликува на една голема гостинска софра каде посетителите ќе го вкусат охридскиот колорит на летото а синилото на езерото и небото ќе се сплотат со амбиентот на Долна Порта.
Ова не е случајно, бидејќи, Слоу фуд значи и посветеност, верба и храброст, неопходни алатки за „поправање“ на светот.
Разминувајќи се со туристите, онака радосно чекорејќи кон целта, првото нешто што ми го фати увото беа звуците на староградската песна што се слушаа од Долна Порта. Локацијта е совршена, привлекува внимание за да и очите се напојат со бои, нешто како гурмански, хедонистички светоглед распостлан по многубројните тезги. Туристичката сезона е во полн ек, па „Вкусете го Охрид“ се вклопува во концептот на организаторите- да се запознаат локалните производители, да се слушнат нивните приказни и да се демистифицира поимот „чувари на традицијата“.
Сите тие изложувачи, производители, креативци, луѓе што самите си го заработуваат лебот, вооружени со насмевки и обединети во својата поинаквост подготвено ги дочекуваа гостите, но предноста на Слоу фуд Охрид е што од стартот ги имаат своите брендови: Пирустија Неданоски, со традиционално месени и под вршник печени- комат, ѓомлезе, леб, потоа, макалата на Папас Охрид, па „Леска“ на алхемичарот Пеце Клечкароси, вината на Мал Свети Климент, Monastery Winery од Опеница, креативците од семејството Бачевски… Тука се и гостите „Моја бавча“ од Демир Хисар, производите од тартуфи на Валентина Митрова (Туф.мк) и Саша Стојчески од Тетово, ракијата „Вк“ од Демир Капија, винаријата „Ерос“ од Кавадарци…
Му се радувам на овој слоу фуд настан затоа што е браник, да не не сомеле ова новото време. Токму така: инструментите на современата технологија направија масовна демистификација на непознатото, технологијата пука од сите куршуми, и тоа со огромен замав. Во тој цунами од масовна комерција, се што го има знакот на полжавчето, ги има и трагите на оние што создаваат.
Ме понесува атмосверата на Долна Порта, се чувстува радост, лични луѓе на едно место: Марко, специјално за настанот искреира „македонска пица“ и со широка насмевка ја нуди за дегустација, го здогледувам штандот на гостилницата „Утарна“ од горно Коњско, се паркирам на момент да се засладам со домашните колбаси, популарните „лукајнци“ и да ја поздравам Ирена.
Александра и Јована Лозановски, тандем мајка- ќерка од Моја Бавча веќе наличиле со разнобојни тегличиња со благо- солена зимница, а во нив како да ги спакувале своите срца. Новиот производ- слатко од рибизли, кое мами и со боја и со вкус, гледам привлекува и дегустатори и купувачи.
Пирустија Неданоски: потешко пријдов до Наташа и Васко, посетителите го опколиле штандот, тука е царството на комати, кои „позираат“ како да се излезени од македонските народни приказни, питулици, домашни слатка, ликери, проја и едно солено месено пакетче со интересно име- кошмишпите.
Предноста е моја,си мислам, вечер спијам кај нив, во селото Рамне, и сето ова ќе го вкусам -од изворот на традицијата.
Јуле и Јордан, со нивната огнена вода „Вк“, ме нудат со ракијата и со грозје од нивната плантажа во Демир Капија. Сликам за спомен и одам понатаму: до наличениот штанд на сувенирница за храна „Папас“ каде пробувам од ненадминливото макало со охридско ѓеврече, слатко од диви смокви…
Сега се на ред сирењата на Игор Поповски од Дихово. Кај него е секогаш метеж, луѓето и пробуваат и купуваат а домаќинот ја има сериозноста достојна на врвен производител на кашкавалот и сирењето од непастеризирано млеко.
Патем, го љубам лутото, а нешто со таков силен интензитет пробав во зимницата со ориентален шмек кај Акин Сезер– макало од лук со артичоки, што самиот ја одгледува и ајвар со темно цигла боја, каде додава и мелен пипер.
Спомнав дека во Охрид има туристи, ама најразлични јазици слушнав на тезгата со тартуфи на Туф.мк кај Вале. Тука фаворитот ми е слатко од портокали со тартуфи, иако мамат намази со путер, маслинки… На лице место „паѓаат“ неколку селфија, се сликам со драгите луѓе, ама и со билбордот на Слоу фуд гостилници, мојата голема љубов и страст.
На централната позиција е репрезентативниот штанд со сите производи од „Вкусете го Охрид “ а зад него- Емилија, убава мома во градска охридска носија.
Ангела Паскуале- лидер на Слоу Фуд Охрид, Николче Николовски- претседател на Нациолен одбор на Слоу Фуд Македонија и Емилија Баткоска- студентка на Факултетот за туризам во Охрид
Правам пауза наоѓајќи празно место на клупа, се почастувам со некоја голтка кафе варено на песок, на браќата Ерхан и Ерол Су, и продолжувам со уште поголем елан. На оваа “втора“ тура ме затекна празниот штанд на Весна и нејзините примамливи лебови и кифли- без квасец. А дека комплиментот е оправдан, сведочи податокот дека за час и половина „исчезна се“, па не можев ништо да вкусам. Среќа што овие прекраснотии ги овековечив со слика во која ќе можеме да уживаме сите.
Сега сум на „ти“со сендвич од Comfort Food – Bre, ладно цедено масло од лешник „Перески“– голем предизвик и мерак за пробување, па масло од афион кај Кристијан, медот на Тони, пивото кај Бак…
И додека ноќта, полека ама сигурно го најавува своето доаѓање, настанот се чини ја доживеа кулминацијата. Еј, колку убави и среќни луѓе видов на едно место, се како во некој филм со среќен завршеток: масите и клупите полни, кренати чаши и светнати очи! И, како во „Казалабланка“, ветување и почеток на големи вистински пријателства.
Очекувам, посакувам и однапред се радувам на повторно среќавање во Охрид.
Вања Тодоровска