Офелија Гаџевска- Садек, дописник на МРТВ од Каиро, широко ги отвори вратите на својот дом во Египет. Имено, од 1994 година таа е египетска снаа, а во сегашната куќа во Каиро, која имате можност да ја видите на фотографиите, живее со сопругот Џон и ќерките Емили и Грејс.
„За овдешните, египетските услови и мегаломанските апетити, за куќата е најважна големината, помпезноста, да е блескава и златна… За тоа многу се води сметка, тоа е потпис на домаќините, достигнување и престиж. Нашата куќа, во однос на останатите се смета за објект со средна големина, иако станува збор за 450 квадрати, сместени на два ипол ката.
Евидента е разликата од класични египетски куќи, кои преферираат француски стил, златни салони во стил на Луј 14…, на секој чекор се препознаваат „рококо“ и „барок“, златни нагиздани салони. Кај Египќаните, потоа во долниот дел е задолжително да постои просторија посветена за гости, наречена- музеј.
Јас останав доследна на себе си и го испочитував модерниот стил на уредување и особено сум горда што се сама осмислив, искреирав, набавив и тој „проект“ траеше година дена.
Веднаш до влезот, на катот е сместена приемната соба, потоа гостинско купатило, работната соба на Џон,трпезарија и големата кујна. На вториот кат е дневниот простор каде поминуваме најголем дел од времето, уште четири простории и две купатила.
Задолжителен материјал е мермер, што е добро бидејќи температурите се многу високи, не мора да се користи клима уред и најважно од се, лесен е за одржување.“
Куќата на семејството Садек е сместена во новиот Каиро, делот наречен „Мадинети“ или Мојот град, што е десетина минути одалечен од Аеродромот.
Предизвикот што го имаше Офелија, освен што и овозможи голема сатисфакција бидејќи ја сака архитектурата и внатрешниот дизајн и заштеди и многу пари.
„Не ангажирав никаква стручна помош, со што ги потенцирав адутите на вистинската македонска жена, заврши Офелија.“ (В. Тодоровска)
фото – Farid Silvanis