4.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Ја викавме кралица а сега газиме врз споменот за неа- Да беше жива Есма денес ќе наполнеше 75 години

Да беше жива Есма Реџепова Теодосиевска денес ќе наполнеше 75 години. Додека беше жива ја нарекувавме кралица, сега и по година и половина  од нејзината смрт, без никаква почит кон нејзиниот лик и дело, се уште името и се валка околу поделба на имотот. Домот и музејот и се опустошени а гробот е без споменик. Без оглед  кои се причините околу мешаницата за наследството, сепак, кралицата на ромската песна, која низ светот  ја промовираше државата, не го заслужи тоа.  Недостоинствена и лоша слика е и за државата и за семејството и за сите нас, кога странците од почит кон неа доаѓаат да го посетат музејот, па место експонати да гледаат уништена историја, односно да го гледаат уништено нејзиното богато минато.

„Лавица сум, ако сум мала. Знам да бидам и строга ама многу сум праведна, велеше таа додека беше жива. Ако не беше на настап, најчесто родендените ги славеше додека беше на одмор и тоа  со години на едно исто место,  во Пефкохори, Грција,  во еден исти хотел, во истата соба, бидејки навиките тешко ги менуваше.  Некогаш и пријателките знаеја да ја изненадат, па да ја посетат со торта. Се радуваше на малите нешта, на пријателството, кое знаеше да го негува.

Не ги признаваше годините и секогаш се однесуваше како да е млада. „Абе млада сум, како не сум млада, само треба да ослабам“, велеше често.  Но, сепак, свесна на болеста што ја имаше и на тоа што го носи животот, секаде каде гостуваше кажуваше-„Се ова што е направено ќе го дадам на државата да биде музеј, тоа го сакаше и Стево а го сакам и јас“.  И често пати ќе застанеше на терасата за да покаже на гостите дека:

Дневната соба празна

-Тоа долу кај што се скалите, што не е доправено ќе биде како мал амфитеатар, за мали претстави, промоции на книги и на се што треба.  Да доаѓаат луѓе од цел свет да ги видат фустаните што ги носев пред Тито, Гадафи, пред амбасадори, кога во Индија ме прогласија за кралица.  Тука е и првата хармоника на Стево. Па ќе има слики кај се сме биле низ светот, кај се не сме ја промовирале државата. И порано Југославија и сега Македонија“, велеше Есма весело.

Да беше жива за сите валканици околу нејзиното име сега,  ќе кажеше- А, не така мила, како може така, срамота е“. Но, од тоа  достоинство и почит, сега кога неа ја нема, не остана ништо. Опустошен дом и музеј, гроб без споменик а тажна е сликата во делот кај што живееше. Ги нема нејзините портрети, ја нема кујната и мебелот од дневната каде најчесто се сликаше кога ќе ја посетеа новинарите. За жал ја нема и неа.  Нејзиниот аманет остана само нејзина пуста желба. (Весна Миленковска)

Ова некогаш беше кујна

Државата закочена, тестаментите на нотар

Без намера да навлегуваме во процедурата околу поделбата на нејзиното наследство побаравме информација од институциите и семејството за да ја информираме јавноста  до каде е случајот.

-Се внатре е украдено и однесено. И се уште стои така.  Полицијата влезе смени брава, но сето тоа се случи откако беше опустошено. Се уште трае судскиот спор околу нејзиното наследство, иако таа зад себе оставила два тестаменти. Едниот за музејот, за кој велеше дека ќе го подари на државата и остана достојна зад таа одлука и другиот, авторските права од песните, кои ги работевме заедно и ми ги остави мене. Семејството Реџепови ја кочи целата постапка а Министерството за култура  се уште нема донесено решение дека ќе биде наследник . Целиот предмет и клучевите, откако полицијата влезе во опустошената куќа и музеј  се кај нотарот  Џевад Бучи, вели Симеон Атанасов, кого Есма го сметаше за последен син.

Од Министерството за култура, пак, ни рекоа:

На закачалите некогаш висеа фустаните, со кои правеше модни ревии

„Есма Реџепова во тестаментот навела дека куќата ја подарува на РМ, односно на Министерството за култура, под услов куќата да прерасне во Музеј, дом на хуманоста и музиката на Есма и на Стево Теодосиевски, и овој имот да служи единствено за продолжување и почитување на делото на сопружниците. Во тестаментот се бара идниот наследник да го уреди целиот имот со повеќе спомен – соби, да изгради амфитеатар – летна сцена, и за управител на целиот имот да се прифати Хуманитарното здружение Кралицата Есма и Стево Теодосиевски. Во моментот постои законска пречка за прифаќање на ваквиот условен тестамент, од причини што ќе предизвика фискални, стручни и други импликации. Ќе треба да се исполнат и посебни услови за куќата да може да се прогласи за музеј, предвидени со Законот за музеите и Законот за заштита на културното наследство.  За исполнување на овие услови, Министерството за култура иницираше постапка до надлежни институции и установи да направат евалуација и валоризација на домот на Есма, како и на недвижниот имот и на аудиовизуелниот опус и фонотеката. По завршување на постапката за валоризација и категоризација од страна на стручњаците, Министерството за култура ќе може дополнително да информира за законските можности за прифаќање на условот од тестаментот, се вели во соопштението од Министерство за кутура.

„Колку што сме информирани, додаваат од Министерство,  оставинската постапка е во тек, а задолжен за неа е нотарот Џевад Бучи. Тој би требало да ги има податоците околу клучевите на куќата,  околу нејзината сегашна состојба, за текот на оставинската постапка, а постапката за евалуација на спомен -куќата од страна на  стручните институции (Кинотека на Македонија, задолжена за фонотечниот материјал, Конзерваторскиот центар на Скопје и Музејот на Македонија), е во тек. Министерството за култура откако ќе има целосни податоци околу завршената оставинска постапка и елаборат од евалуацијата согласно законите ќе изготви информација до Владата која ќе донесе одлука за иднината на спомен-куќата на Теодосиевски“.

Исчезна и вц шољата

Го контактиравме и нотарот Џевад Бучи, кој, пак рече дека е надвор од државата и не упати кај вработените  во канцеларија.

-Редовна постапка е и не можеме да даваме информации. Тоа можат да го кажат само учесниците во постапката, ни рекоа од таму.

Симеон,  кој е и еден од учесниците во постапката, вели дека се уште нема ништо конкретно.

„Сите сме работеле од мали нозе, сите 47 деца сме придонеле за се она што е направено во куката и во музејот. И сите ние што пораснавме со неа не бараме ништо. Кога поминаа 40 дена од нејзината смрт сакав да направам споменик, како што го купив и гробното место, но Реџепови не ми  дозволија.  И нам на сите деца на кои ни беше како мајка ни е многу  глупаво. Сепак, навистина ни била мајка. Ама џабе е се веќе, празно е се. На Стево дури и  урната ја нема. Кога влеговме со полицијата, се беше изнесено освен  спалната на Есма. Јас пак ќе кажам, не напаѓаат нас децата, но ние немаме никакво право ниту, пак, сме биле официјално посвоени. Ќе повторам, најголемиот проблем е кај нејзините внуци, односно Реџепови, вели тој.

Се обидовме да стапиме во контакт и се семејството Реџепови, но не успеавме.  (В.М.)

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена