Обожавателите на Горан Тодоровски оваа 2018-та ја поврзуваат со 25 годишно естрадно траење, со 7 албуми, песните што сеуште се пееат со истата страст – „Како божица„,„Прва љубов“,„Ми ја зеде среќата“, „Како да ти речам мила“,„Пусти мерак Ратке“, „Те познавам“… Носталгичарите евидентно го нарекоа среќно дете, иако годините и траењето и него го одалечија од поимот- малиот принц.
Почетоците на Горан во фолк-музиката беа кога овој жанр беше сакан и почитуван, па така го почувствува вистинскиот сјај на фестивалите, „она нешто“ што во 1993, 94 и 95 година му го искреираа односот и кон музиката и кон луѓето.
Последното издание на Валандовскиот фестивал ти донесе ловорика- песната со твојот авторски потпис „Горда мајка“, во изведба на Благица Калева, со здружените гласови на публиката и жирито, го освои престижното прво место.
„Се сложувам дека е ловорика и признание за мојата зрелост како автор. Меѓу другото,Валандово годинава навистина ме потсети на најблескавите свои изданиа а воодушевувачки аплауз по изведбата на Благица беше вистинска сатисфакција за мене. Кога си од другата страна, меѓу публиката поинаку, повистински ја доживуваш песната:со секој тон песната оживуваше, што ја инспирира публиката на безрезервна подршка.“
Фестивалите кај нас одамна се демистифицирани, но дали се вистинско место за промоција на песна? И, го препознаваме ли како квалитет тоа што музиката ја имаме во традицијата?
„Фестивалите одсекогаш значеле промоција, со тоа што порано постоеле и емисии што ја третираа фолк музиката. Не можам да кажам дека не го цениме тоа што го имаме затоа што младите се навраќаат на хитовите од времето кога и не биле родени а песните им се дел од забавите и прославите. Главен проблем е што се затворија, исчезнаа емисиите кои третираа ваков тип на музика: „Седум плус три“, „Даровизија“.. А зошто фестивалите станаа здодевни и предвидливи? По се изгледа поради намалувањето и спуштањето на критериуми, без постоење на претходен филтер.“
Во што беше феноменот на турбо – фолкот?
„Бранејќи се од него, а не разбирајќи го сосема, погрешно го протолкувавме и не дозволивме музиката да се модернизира. Со цел да го одбегнеме шундот, останавме да тапкаме во место, за да звучиме старомодно и здодевно.Ете така се се сврти наопаку.“
Годинава што тече е јубилејна и значајна: 25 години од твоето естрадно постоење. Имаше ѕвезден старт, победа со „Како божица“ и тоа прво појавување со стокмена песна, интерпретација и имиџ, ведаш те вивна во врвот.Понатаму не те заобиколуваа награди, концерти, турнеи…
„За успех е потребна автентичност. Вниманието не може да се привлече само со сиров талент, туку треба да се погоди и време и да се има среќа , или она што како термин се користи во модерните натпреварувања: „х фактор“. Секако, планирам да го одбележам јубилејот, посвечено да се подружам со публиката. Желбата за солистички концерт тлее веќе извесно време, подготвувам нов материјал…“
И покрај разноразните животни одлуки и премрежија, идења и враќања, колку музиката те оплемени, те направи подобар човек?
„Многу, а ништо помалку не се привилегирани и обичните слушатели.Музиката е дел од мене, кога ја нема неа, нема ни живот.И несвесно, секојдневно низ глава ми поминува музиката, се вдомуваат зборовите, се твори и се останува запишано во мислите.Затоа некои творат за десетина минути…Секако дека тоа е фраза зад која се крие нешто подлабоко и поголемо- тлеењето на музиката во тебе.“
Познавајќи те како романтичен човек,со што најчесто ја полниш душата, со – награда, албум, аплаузи…?
„Со награди се задоволуваат суети. Албумите се радост за обожавателите. А мене топол прием и искрен, воодушевувачки аплауз ми биле и се вистинска сатисфакција и мотив да се појавувам почесто.“ (Вања Тодоровска)