Првата асоцијација за неа е баршунест глас со кој ги испеа „Ластавицa“, Само симпатија“, „Ја сам жена“, а и покрај импресивен музички багаж од минатиот век, легендарната Мери Цетиниќ и понатаму твори, настапува и пее, а најинтересното музичко совпаѓање го има со ќерка и, Ивана Буриќ.
Мери има убави спомени од „Макфест“ од 1987 година кога ја пееше „Лажи ме“, песна на Глигор Копров и Ромео Грил а сеќавањата оттогаш, вели сеуште се живи, и радо повторно би ја посетила Македонија.
Песната „Ја сам жена“ своевремено беше химна, а можеби и предувертира на феминизмот, нешто како упатство за употреба на понежниот пол.
– Интересно е што текстот за неа го напиша сплитскиот новинар Ивица Флешч. Една вечер ми се јави и ми го издиктира текстот по телефон. Веднаш седнав на клавир, со текстот пред себе, а мелодијата со хармонии сама истече под моите прсти. Не знам зошто ми го намени токму тој текст, ама јас совршено се пронајдов во секој збор. Не сум феминистка, поблизок ми е традиционалниот однос на мажот и жената, ама во тие односи сите сме специфични и единствени на свој начин.
„Само симпатија“, „У пролазу“, „Конобо моја“, „Љубав си моја заувик“, „Доме мој“… и по 30 и повеќе години сеуште се пеат, сеат меланхолија.
– Поголемиот дел од тие песни и денес го прават мојот репертоар, ги сака публиката, а и јас. Прекрасни композиции се тоа и колку и да ги пеев, при секоја нова средба повторно ме понесуваат, повторно се мое доживување. Со години нешто менувам во аранжманот. И големо задоволство е да ги имаш во својот репертоар, бидејќи не бледнеат, напротив. „Четири стаѓуна“ станаа интернационален хит, ги обработи јапонската пејачка Изуми Јамагучи, а мојата авторска „Доме мој“ исто така е препеана и снимена во Белгија во изведба на дуетот „Ерик енд сан“ со насловот „Veel te mooi“ и веќе неколку години е на врвот. „Конобо моја“ речиси да се обнароди, стана народна далматинска песна и не постои клапа што не ја изведува.
И во времето на Вашата голема популарност, приватно бевте поприлично „здодевна“- не се каравте со колешките, немавте афери… По природа сте личност која не ги искажува емоциите јавно, ја чувате интимата за својот круг на луѓе, или…?
– Никогаш не сакав својот приватен живот да го изложувам во јавноста. И не сум склона кон кавги, а со аферите не ја хранев својата популарност. Инаку сум емотивна и повеќе од дозволеното, ама сето тоа го покажував и изразував низ музиката. Причината на моето постоење на сцена е музиката, а приватно повеќе сакав да останам на страна, по малку скриена од јавноста. Иако на сцената секогаш бев потполно занесена и предадена на публиката, ми пречеа рефлекторите и блицевите надвор од неа. Сето тоа ми даваше повеќе слобода и можев да имам повеќе време за создавање на некој свој свет.
Тандем : Мери со ќерка и Ивана
Ќерка ви Ивана, некако логично, се занимава со музика и во Вашата куќа сигурно има многу музика… Како музички се совпаѓаат мајката и ќерката?
– Ивана има завршено музичка академија во Загреб и има класично образование. Со мене целиот живот ја впиваше музиката, се изнаслуша најразлични стилови и многу од светската музика. Во последно време најчесто настапуваме заедно, јас ја придружувам на клавир, таа вокално ме поддржува или пееме дуети. На фестивалот во Шибеник пред некоја година настапивме со нејзината „Ако требаш јесен“, со која и завршува нашиот заеднички албум… Дома имаме три клавири и секоја создава во својата соба, па и музиката, наша верна придружничка.
Планинести тиражи: 1981 година и најтиражните Љупка Димитровска, „Нови фосили“, Мери Цетиниќ
Можете ли да направите споредба на „она некогаш“ и на „ова сега“ во музиката, во времето кога песната беше доволна сама за себе, особено ако ја изведува добар пеач. Денеска цели тимови се ангажирани во проекти кои создаваат и промовираат и музика и ликови, со инстант-траење…
– Да, работевме сериозно и студиозно на секоја песна, а искреноста, музикалноста и оригиналноста секогаш беа во прв план. Тоа беше најдобар пат до слушателите што беа вешти тоа да го препознаат. Денес се работи сериски, многу повеќе внимание се обрнува на надворешниот изглед на пејачот, на видеоспотовите и медиумската презентација. Така се губи основата на квалитетот, невиноста и душата, а музиката би требало да биде чиста емоција.
Вашиот сензибилитет, нешто како „укотвена тага“, долги низ години беше вистински празник за музичките сладокусци. Како живеете денес, Мери?
– Работам и понатаму, иако не со ист интензитет како порано. Одбирам посалонски настапи, концерти на кои самата се придружувам со клавир, гостувам со клапи, компонирам. Ја отворив издавачката куќа „Мамисоник“, ги продуцирам своите проекти…. Живеам и работам во Сплит, но често сум во Блато на Корчула, каде што имам куќа и најдобро се релаксирам. (Вања Тодоровска)