15.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Не напушти Милена Дравиќ, најголемата ѕвезда на југословенската и српската кинематографија

Неодамна Милена Дравиќ наполни 79 години, но роденденот не ја интересираше. Беше меланхолична и тажна а последниот период времето го поминуваше на Клиничкиот центар „Бежаниjска коса“ во Белград. Од неделата состојбата нагло и се влоши, па и покрај напорите на онколозите да ја спасат, крајот беше неминовен.
Јавноста знае дека смртта на Драган Николиќ, сопругот на актерката, се одрази уште повеќе на ионака кревкото здравје на Милена. Научена на животот во двајца, одеднаш- сама и незаштитена, таа често изјавуваше дека не гледа причина да ја продолжи „агонијата наречена живот“.


Милена Дравиќ дефинитивно е најголемата ѕвезда на југословенската и српската кинематографија. Дива во вистинска смисла на зборот, актерка што воспостави поинакви стандарди и што со години, толкувајќи улоги на симпатични мајки, беше радо виден гостин во нашите домови.
Хара, Наталија, Споменка, Аспасија, Савка, Рајка, Ранка, Јола, Зоја, Слаѓана, Лула, Персида, Душица, Маре, Даница, се само дел од ликовите на кои Милена им даде живот. Тоа беа партизанки, хероини, вдовици, госпоѓи…, но никогаш страствени љубовници, што актерката често го спомнуваше како чуден „хендикеп“.
Нејзината голема биографија почна со чешкиот режисер Франтишек Чап, кој од случајна средба и всади желба за глума давајќи и можност да настапи во серијалот „Весна 1“ и „Весна 2“.
Набргу потоа Милена има ангажман кај српската режисерка Соја Јовановиќ а потоа и кај Воја Нановиќ, каде заедно со Павле Вујсиќ играат во првиот екс- ју мјузик „Подобро е да се умее“.
И така се градеа темелите на огромниот талент на најголемата српска актерка.
Милена имаше само 16 години, златесто коњско опавче и беше филмски убава. Три години подоцна ја доби првата Златната арена во Пула, а потоа уште пет сребрени, за да го држи рекордот од десет злата на престижниот филмски фестивал во Пула.
Беше популарна, блескава, вистинска ѕвезда, магнет за луѓе и настани. За улогата во филмот „Утро“ ја доби Златна роза во Венеција. На филмскиот фестивал во Кан и припадна наградата за најдобра споредна актерка во филмот „Посебен третман“, но големиот талент на филмската дива не може да застане  и во сите најпрестижните награди. А ги имаше и во нејзината татковина: „Добричин прстен“, „Жанка Стошиќ“…


Иако беше ненадминлива во комедии, Милена оствари над 150 филмски улоги во најразлични жанрови : Малена во „Прекубројна“ од Бранко Бауер која практично ја вивна во орбитата. Ја паметиме од „Козара“, „Битка на Неретва“, „Љубавни живот Будимира Трјковиќа“, „Мој тата на одреѓено време“, „Лаф у срцу“ со нејзиниот филмски сопруг во романтичните комедии, Љубиша Самарџиќ, па „Секула се опет жени“, „Није лако са мушкарцима,“, „Зона Замфирова“, во тв серијалите „Приче из Непричаве“ „Полицајац са Петловог брда“, а од понова дата во „Луд, збуњен, нормалан“…
За многумина нејзините ѕвездените моменти се случија со култната шоу програма „Образ уз образ“ која Милена ја водеше со нејзиниот Драган од 1972-74 година. Тогаш и почнуваше нивната љубов, и тоа беше причина плус да делуваат толку моќно и сплотено.
Пред Драган, Милена беше во брак со режисерите Пуриша Ѓорѓевиќ и Воислав Кокан Ракоњац. На 29 години стана вдовица и од тогаш па се до крајот на животот, срцето и припаѓаше на само еден човек.


Освен што беше најголемата актерка, Милена и како жена беше уникатна- неверојатно убава , магнетски делуваше врз мажите. Велат, во неа до уши биле вљубени Алфред Хичкок и Ричард Бартон со кого глумеше во „Неретва“, и дека му била миленичка на Тито…
Девојче во срцето, таа прекрасната Милена, опеана е и во стиховите на Арсен Дедиќ.
„Беше уште така малечка, само светлина, само пена, уште беше, што да кажам, ниту дете ниту жена. Како цвет во темно поле, нејзината глава мала, заспана, како меѓу луѓето да беше од ветерот донесена.. Милена, Милена“ .


Последниот период  ја промовираше монографијата „Милена Дравиќ, повеќе од уметност“, што и ја спречи да ја одбележи 50. годишницата од актерската кариера…
Се чини како без напор да ја предаде оваа животна битка, трчајќи му во прегратката на својот Драган Николиќ.

 

Филмски крај на најголемата филмска хероина на овие простори.

Вања Тодоровскa
Фото-famousfix, kbc,vesti.rs, vecernjenovosti.rs,pulsonline

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена