Доаѓа, се смее, се поздравува, како да сме од соседството. И којзнае по кој пат повторно се убедив во констатацијата дека големите луѓе се многу едноставни и присебни. Тарик Филиповиќ и не може да биде поинаков, бидејќи е свесен за својата големина. И во театар и на телевизија. И приватно ја убеди јавноста дека кај него се е совршено. Брак- се сакаме како на почетокот. Пари- не ми треба многу пари. Деца- супер татко сум, се трудам. Политика? Па и тука. И додека некој заради свој интерес се обидува луѓето да ги држи раскарани и сиромашни- тој, како и секој нормален, сака љубов и разбирање. Свесен е ако вресне, дека нема да смени ништо како единка, но барем да залула. Почнавме, насмеано, шармантно, со поглед низ очила. Прво спорт, кој успеа да го спои со театарот, животот, кариерата.. Повеќе од еден час да го држи вниманието на публиката во МНТ, каде ја изведе монодрамата „Ќира“ и за крај да добие повеќекратен аплауз.
Зошто баш Ќиро? Во секој живот има некоја интересна приказна, има и други интересни тренери, но, сепак, се одлучивте за него?
-Уметникот не ја бира музата, музата го бира уметникот. Да, чекав 10 години и можеби звучи смешно но „Ќира“ беше мојата муза, мојата инспирација. Можеби пресудно е тоа што сме со сличен менталитет, тој од Травник јас од Зеница, можеби што имавме сличен дух, можеби што неговиот лик мене многу ме беше интересен. Што повеќе го откривав се повеќе сакав да ја работам претставата. Кога му предложив тој не се сложи и секогаш, после секое ново дружење, ќе дознаев некој нов детаљ, од неговите дружења со Чарли Чаплин, со Ален Делон, со некои други интересни ликови, кај бил, што правел, какви животни трагедии имал во семејството.., постојано ми стануваше се поинтересно и поинтересно. Да, како што велите, во сечиј живот лежи по некоја интересна приказна, но не е тоа. Тоа е исто кога ќе фатиш девојка, па некој ќе ти рече, леле каква ти е девојката, си можел поубава да најдеш а таа мене ми е најубава. Некако тука лежи објаснувањето. Ја почувствував енергијата а тоа постојано ме провоцираше да го имитирам.
Во монотрамата во еден момент Ќира раскажува за Тарик.. Се сложувате со неговата констатација дека Тарик е нај?
-Хаахахахах, забележавте како сам се фалам. Хахахахах… Да, тоа Тарик си го доживеа Тарик.. Хахахах… Тоа е еден од најинтересниот момент во претставата, кога јас низ Ќира зборувам сам за себе. Секако, се гледа од авион дека лажам. Некои работи. Но, малку си дадов оддишка. Ете па Тарик е добар, фин, па граден како Аполон… Да не зборувам за пропорциите. Ми се допадна кога тоа ми падна на памет. Прилика кога можам приватно да се насмеам и да ја скинам маската во еден момент. Да бидам Тарик и да се пошегувам на своја сметка. Тоа баш ми е „фора“ во еден момент. Иако тој мене приватно многу ме почитува , се сакаме взаемно.
Како што рековме секој живот има своја приказна и би можело да се снима филм. Кога за Вас би се снимал филм, каде би обрнале најмногу внимание? Кој жанр би бил?
-Тоа би било нешто како претставата за Ќира. Јас најмногу го сакам смеењето. На нас Босанците смеењето ни е начин на живот, секако и на мене исто така. На тој начин полесно ги прифаќаш тагите и лошите работи што животот ги носи. Дефинитивно би било полно со смеење, но и малку солзи, тоа е живот. Така направив и јас со Ќира. И крајот да биде… малку лирски да заврши животот. А не само играње и пеење.
Вие исто така го сакате фудбалот, дури и сте сакале да станете фудбалер. Дали можеби, и покрај успешната актерска кариера, ви е жал што не станавте фудбалер. Особено годинава кога Хрватска го освои второто место, па целиот регион го зафати еуфорија. Којзнае можеби денес ќе бевте дел од хрватската репрезентација.
-А можеби ќе бев дел и од босанската.. Хахахаха.. Среќа па не сум. Имав талент, но не е едноставно. Мојата моторика не беше за фудбал. Секако, секогаш жалиш, но на време сфатив дека не сум иако фудбалот ми е опсесија и врвно задоволство. Но, свесен сум дека никогаш не би бил врвен фудбалер. Ниту врвен пејач иако сакам да пеам. И добар сум во пеењето ама не сум врвен. Па зошто да не работам нешто во што сум врвен или, што би рекол Ќира, барем се преправам дека тоа го работам добро.
Ете експерт сте за квизови. Кој Ви беше најтежок за работа а кој нај забавен.
-Досега сум водел четири квиза. Имало, кога сум се прашувал што правам јас тука. Нормално, се трудев да го извадам ама квизот како квиз немаше добра форма. „Милионерот“ беше бум во своето време, остави траг и сега тие најави за враќање на „Милионер“ луѓето ги скокотка, а нормално и мене. Секако, јас баш не сум тип кој сака враќање и рециклирање на работите ама ако луѓето толку го сакаат ќе дадеме се од себе чувството да им биде како некогаш. Но, мислам дека „Потера“ е најдобриот квиз кој сум го работел. Всушност јас и никогаш не сум сакал да водам квизови, се беше случајно, ниту, сум сакал да работам на телевизија. Тоа не е моја работа, јас сум актер, но кога беше аудицијата за „Милионер“, ме викнаа на аудиција меѓу 20 други. Нема подготовки, се е импровизација, а јас сакам да комуницирам, да запознавам луѓе, сакам во чекор да ја создавам драматургијата, мислам дека имам чувство за ритам, сакам да се надигрувам со луѓето, па уште и таа забавна и едукативна нота. Има драж.
Ве викнаа за водител?
-Да, да ама „Потера“ кој го водам сега е доста гледан квиз низ регионов и не знам што ќе правиме. Јас дефинитивно два квиза нема да работам.
Ако треба да се одлучите?
-Не знам. Мене „Потера“ ми е најдобар квиз кој сум го работел а „Милионер“ е светско првенство. Не знам, да сме живи и здрави.
Новинарите Вашиот брак со Лејла го сметаат за совршен а сите добро знаме дека никој не е совршен и дека нема совршен брак. Како го успевате тоа?
-Да, баш така е. Совршен брак нема. Но, се е тоа сведено на минимум. Пред се взаемно почитување. Меѓу мене и сопругата никогаш нема паднато тешки зборови. Такви сме и двајцата. Меѓу мене и неа еднаш да паднат такви зборови би се разбила порцеланската вазна. Почитувањето е кичма на сето тоа. А љубовта и страста го менуваат обликот и интензитетот. Најголем комплимент за неа и мене е и покрај тоа што веќе 12 години сме заедно имаме чувство како сега да сме ја почнале врската. Не знам, тешко ми е да го опишам. Поминаа веќе 12 години а како вчера да беше. И уште кога ќе видиш колкави ни се децата… Боже мој. Ние имаме добар стаж а се уште се веселиме на патувањата, излегувањата, вечерите, дружењето дома, глупостите..
Како ги избегнувате кавгите? Секој има право на жолта минута..
-Да, тоа е како во глумата, не се буткај под туѓото светло, се знае кому му е запален рефлекторот. Ако сопругата е со лоша волја или јас не долеваме оган на маслото, туку ако можеш да помогнеш, помогни. Ќе пројде. Компромис и почитување, само тоа.
Значи џабе велат дека бракот доживува криза на седма или не знам која 14та година?
-Не сум почувствувал. За седмата година се сетивме во деветата.. И ништо не се случи.
Колку во денешно време е тешко да се биде родител?
-Па да тешко е. Ние кои паметуваме знаеме да кажеме- еееј како беше во наше време. Но, мене навистина не ми се допаѓа каде технологијата ги води нашите деца во иднина. Како што мојата Босна создава историја која се потешко може да ја поднесе, така и технологијата се потешко ја поднесуваме. И децата стануваат непрепознатливи во многу работи. Се трудам да го држам балансот. Многу сакам да си ги извалкаат колената на игралиште, да играат топка. Моите деца тоа се уште го работат и секогаш кога ќе речат дека ќе одат на игралиште веднаш им велам- нема проблем. Порано нашите родители помалку се грижеа за нас. Ќе те пушти надвор и нема проблем. Сега сите помалку сме фрикови, контрола, па секогаш мобилниот во него, да знам 24 часа кај се. Ма страшно. Се трудам да го контролирам интернетот, играм плеј стејшн со нив и се уште сум оној дечко кој собира сликички. Знам да кажам стани ќе те боли грб,ќе те болат очи и секогаш се трудам некои работи да ги сфатат не заради мене туку заради себе. Да мие заби заради себе не заради мене. Како и сите деца.
Многу е лесно е да се качиш на врвот ама тешко е да се одржиш. Има ли некој рецепт?
-Да, нас тоа ни го кажуваше професорката – на талентираниот човек лесно му е да блесне, но уметност е да трае, особено во оваа актерска работа. Нема да кажам дека јас внимателно сум го бирал секој чекор, но, сепак, внимавав. Не прифаќав, особено некои реклами или проекти кои финансиски биле супер, но сум мислел нема во иднина да ми донесат добро. Некако имам свој ракопис и печат кој го почитуваат луѓето и не сум сакал да прифатам ниту заради луѓето ниту заради себе. Но, се што правам, правам заради, себе не заради чаршијата. Да, сите ние сме желни вратата преку ноќ да се отворат. Но, јас не сакам пет минути, тоа ми создава нервоза. Ќе ми речат ма земи, зграби, сега е твое време. Не сакам да зграбам ништо. Само нека сум жив и здрав. Можам се да работам и да си дозволам сешто. Имам 46 години и многу зад себе во професионална смисла и мислам дека допрва ме чекаат најубавите улоги. Жар имам, сила имам. Се надевам.
Колку во Хрватка како членка на ЕУ може да се живее од актерството или добри се хонорарите од квизовите?
– Ништо не се смени. Некои работи се исти или поскапи. Добро е што нема роаминг, можеш да патуваш без ограничување а лошо е што најдобрите луѓе ни заминуваат на подобро платени места во Ирска и Германија. Се е тоа смислен и подлабок план, ќе видите кога ќе влезете и вие. Да, да ќе влезете. Јас ја сакам Европа без граници, но не на овој начин. Не богатите да ги земат најдобрите а ние да се претвориме во земја на старци и необразовани луѓе. Што се однесува до финансиите, ниеден актер не може да живее само од театар, така да сме принудени да работиме, снимаме. Јас секогаш велам, Боже држи ме, мене не ми треба ништо посебно. Јас сум ти некој од изгубениот среден слој. Како што беа нашите родители, немаш премногу а можеш да си дозволиш се. Јас сум презадоволен. Играм лото а се молам да не добијам. Јас сум тој тип. Тоа нема да биде оној мој живот. Повеќе ги цениш парите кога ќе ги заработиш сам. Сакал не сакал човек би се расипал. Како вели вицот за оние кои сакале да добијат на лото, па кога ставиле на хартија што се им треба дури во минус завршиле.
Доволно долго доаѓате тука, познавате многу луѓе, па би можеле да направите споредба меѓу Хрватска, како членка на ЕУ и Македонија, која сака да биде.
-Во една рака да а во друга не, барем што се однесува до срцето и душата. Премногу доводи за кислород се прекинати. Се среди судството и тоа е супер. Некои работи се добри а некои… како на пример, не е добро, не би сакал ниедна држава да изгуби идентитет. Јас сакам кога сум во Скопје да јадам македонска храна, да слушам македонска музика. Не сакам се да се разлее во некаква маса. Мислам дека државите и нациите мора да имаат свое обележје.
Кај нас е тренд уметниците политички да се определуваат, да стануваат членови на партии и да бидат гласни. Дали некогаш сте станале член на партија? Кое е Вашето мислење за политиката?
-Мислам дека на вистинските уметници никогаш професионално не им е место во политиката, ако навистина не сакаат нешто да сменат. Кај нас повеќе се работи за д ќарат нешто во иднина. Аха сега ќе влезам во ова партија, повеќе во владејачката партија за да добие позиција, нема никој да ме пипа, што секогаш ми се гадело. Јас по убедување сум социјал-демократ, по некое свое уверување. Мислам дека социјал -демократијата е она вистинското среќно опшество кое може да биде, но за жал никој тоа на терен не знае да го спроведе. Така сум воспитан. Ми нуделе да станам член на партија, но не сум сакал никогаш. А и дефинитивно кога гледам како мојата Босна и Херцеговина се води, би рекол да живеам 1.000 години, сигурно дека 200 години би се занимавал со политика. Имам чувство дека работите лесно може да се дотераат како треба. Верувам дека од луѓето добрината може да се извлече, дека омразата може да се прекине. Јас предлагав во Зеница и Сараево да организираат секоја сабота на плоштад да седнат православниот и католичкиот поп, оџата и рабинот да пијат кафе. Да бидат пример на луѓето ако се вистински верници. Ништо не прават. Знаеш како гласаат во Босна- кои се нашите, бидејќи немаат алтернатива. Веројатно и не заслужуваат подобро. Јас би отишол во секој град во секое село и луѓето во очи би ги прашал: Што е проблемот? Јас проблемот го гледам вака- црквите и џамиите никогаш не биле толку полни а никогаш немало поголема нетрпеливост. Тоа не иде некако едно со друго. Нели? Не знам додека сум жив дали таа хармонија која ја сакам ќе ја доживеам. Жал ми е што понекогаш не вреснам почесто, особено што мојот глас го почитуваат. Ми е жал. Не ми недостасува храброст, туку ќе си помислам, па не можеш ништо да смениш. Па можам барем да залулам. Луѓето се плашат, повлечени во четири ѕида, молчи, не зборувај. Ние низ претставите ќе се обидеме да прозбориме па често ќе се најдеме на црна листа. Но, јас мислам дека ќе пукне овој капиталистички пристап и тоа грдо. Не велам дека комунизмот бил добар, и тој пукна грдо. Но, мислам дека комбинацијата од се што поминавме низ историјата ќе ни даде начин за рецепт за подобар живот. Бидејќи вакво раслојување не е добро. Имаме ужасно многу сиромашни и малку ултра богати. Ете јас сум среден слој и не знам баш многу луѓе во овој слој. Да го земеме најдоброто од секој период ќе го средиме опшеството да ни биде убаво. Но, некому не му е интерес тоа да го направи. Ете пак, се враќаме на интересот.. Хахахха…
Весна Миленковска