10.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Интервју. Лидија Георгиева, модна дизајнерка : Со „Милион милји време“ успеав да пренесам емоција

„Милион милји време“, модната приказна создавана низ твоите постојани патувања, со што почна модната недела во Скопје, сеуште ја бранува јавноста. Одбележувањето на јубилеот собра вистинска модна елита, пријатели, колеги, имаше многу убава енергија, многу љубов. Неколку дена подоцна- како си, Лидија?
– Благодарам Вања, се чуствувам среќна што успеав да пренесам емоција која според реакциите што ги добив, публиката силно ја почуствува. Трансферот на емоции е најважен, а љубовта е основа на тоа што го работам, еден од главните мотиви. За тој успешен трансфер, секако придонесе и атмосферата на просторот кадешто се одржа јубилејната ревија.
Искрено речено, имам чувство дека допрва ќе работам и ќе го покажувам тоа што секогаш сум го истражувала, но сега веќе во форма на растеретено играње со јазикот на модата. Идејата на ова патување беше слобода, онаа слобода што ја чуствувате во летен сончев ден на отворен пат во вашиот автомобил… и со убава музика.

Доколку по слободно толкување ревијата се разбере и како патува Лидија, со 20 годишен багаж и куфери полни милји и милји, тогаш и стилот може да се протолкува како начин на животот.
– Секако. Идејата на ова патување е космополитска, во секоја култура и традиција има по нешто магично, а облеката комуницира исто како зборовите. Модата денес има неколку сектори, но делот којшто јас го завземам со мојата истражувачка работа е простор кој дава можност за експресија. Не е случајно што со луѓето кои ја сакаат мојата работа имам одредени сличности во вкусот, во погледите на светот, во начинот на размислување…
Овој период ми е под знакот на слоу- фешн исто како слоу- кукинг… Си го давам времето и просторот што бара одреден дизајн, а верувај ми доста работни часови се потрошени на дизајните кои беа прикажани.

Музика како патување, или – колку си чуствителна, слаба на неа? На многу музика…
– Да. Музиката е за мене многу потребно вибраторно поле, често пати е почетната инспирација. Таа вибрација потоа се пренесува во процесот на работа и ми служи како ориентација, критериум за тоа што е и што не е ЛГ. Неколку години свирев клавир, а во моите планови „негде таму“ подоцна клавирот е сеуште дел од просторот во кој се замислувам. Но дотогаш имам уште многу стара и нова музика за слушање.

Колку твојата биографија- модна дизајнерка од Париската школа „Duperré “, како стипендистка на француската влада, Европска награда за дизајн, дизајнерка за повеќе француски брендови: „Scooter“ „Rochas“, „Nelly Rody“ „Pierre Balmain“…, создавање и 20 годишно траење на брендот.., делува инспиративно врз новите генерации на дизајнери?


– Со часови можам да зборувам за моите студенти или како што ги нарекувам – моите деца. Како резултат не неколку иницијативи кои сметав дека треба да ги изработам, тие досега во соработка со Францускиот Институт во Скопје добија две наградни патувања во Париз, имавме неколку ревии во склоп на Скопскиот моден викенд, но и соработки со Скопската недела на дизајн и Холандската Амбасада. Сето тоа се искуства кои ќе влијаат на нивниот понатамошен професионален развој, а се надевам и на стекнувањето критериум за квалитет. Пренесувањето на знаење е интересно искуство, го доживувам како креативна работа во постојана динамика. Кај мене не постои ист час, пристапот е интерактивен и според постигнатото можам слободно да кажам дека сега ТМФ стана бренд во областа на модната едукација кај нас. Тоа го знам според реакциите на младата публика.

Кога е во прашање дизајнирање, што во тој креативен чин може да те импресионира? Дали сеуште, како што велиш „приказната ја возат“ – издржана естетика, квалитет и чиста емоција?
– Во твојот список недостасува здивот, инспрацијата или фасцинација (без тоа ништо не правиме) и тоа е тоа… комплетни сме.
Вања Тодоровска
Фото: PS visualart, Fashion Weekend

 

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена