6.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Како да се надмине стравот од смртта? Со животот

Какво време дојде, страв ти е да отвориш фејсбук или било кога друга социјална мрежа- луѓето умираат, познати и непознати, ѕвезди и анонимци. Се простуваме со некогашните идоли и секогаш понекоја кнедла ни застанува во грлото. Смртта ретко го најавува своето доаѓање, многу често подло и скришно си ги крие своите намери и цели. Така е: умираат сите – и богати и сиромашни и чесни и корумпирани, мали и големи, чисти и валкани и таа судбина не може да се прескокне. „Не се плашам од смрта, ама не сакам да бидам присутен кога ќе дојде “- во свој стил размислува Вуди Ален алудирајќи на стравот од немоносвноста. Навистина, многумина се плашат од смрта а сепак, животот го минуваат како да се вечни на планетата.
– Многу е интересно човек да зборува за смртта или пак, за стравот од неа, кога е во годините кога повремено, во „доколица“ како што велат србите, и реално често размислува за неа. Кога е сам, или, кога со врсниците го одмара својот замор… А навистина, животот така бргу си одминува и после четириесетите и педесетите, тој веќе како да се проектира на филмско платно и за час проекцијата поминала и на платното пишува „крај“ или „the end”- вели проф. др. Георги Чадловски,невропсихијатар.

Стравот од смрта често ни „дише во врат“, се плашиме за присутноста на најдрагите а поетите сакаат да кажат дека со самото раѓање се приближуваме кон крајот. Сепак, во втората половина од животот мислите, сакале, неќеле се натаму си патуваат?
– Се чини дека не постои човек кој после убаво преживеаните шеесетина години не размислува за смрта, најчесто како иреверзибилно разделување од своите најмили и од виделината. А целта на сите општества е да направат такви услови што ќе го продолжат животот на своите жители, ќе ги подобрат условите во кои ќе битисуваат постарите, ќе им пружат подобра здравствена заштита и така ќе ги направат посреќни. Нема среќно општество без среќни поданици. И за жал, доаѓа до една апсурдна ситуација: животот е подолг, но среќниот живот во понапреднатата возраст и не е така едноставен и зависи од многу социјални, економски, етички и психолошки услови. Па и тие услови, да речеме нека бидат идеални, а за жал се почесто се катастрофални, биолошките процеси во човекот веќе во таа возраст почнуваат да забавуваат, да трокират и некаде побргу, некаде побавно и да гаснат. И стравот од смрта се наметнува со некоја присилиа, особено ако човекот се препуштил само на биолошките процеси и онака целосно му се предал на стареењето, пасивизирајки ги и своите физички и своите психолошки капацитети. И везден седнат на својата тераса размислува за она што следи утре, во мислите опсесивно му се наметнуваат мислите за скората смрт и скората разделба со своето семејство и своето потомство. И тука веќе е депресијата а таа со стравот од смртта е најдобра пријателка. Па и не е чудо што понапреднатата возраст сеуште доминира во сатистиката на самоубиството.

 

Ама, размислувањата на оваа тема не се кај сите исти. Мислам на „стари а млади“ и обратно?
– Секако дека не можеме да го генерализираме, бидејќи постојат суштествени разлики меѓу луѓето кои имаат потекло од различните генетски и семејни предиспозиции, од различните економски и културални услови на живеење, професионални и индивидуални активности во текот на живеењето. Па така се сретнуваме со луѓе кои веке во педесеттите години од живот се чувствуваат стари и што е уште поважно, се однесуваат како многу повозрасни одошто се, иако биолошките и психолошките процеси уште се динамични и дозволуваат многу повеќе мисловна и физичка активност. Меѓутоа има и такви кои во седумдесеттите се однесуваат како педесетгодишници и кај нив навистина психолошките (па би рекол и физичките) способности сеуште се во добра кондиција.

Значи- смртта е неминовна само треба да сме доволно умни да се избориме со стравот од неа?
– Колку сме биолошки поакактивни ( и на психолошки и на физички план), толку подобро ќе ги дочекаме времињата кога таа ни се приближува и толку подобро ќе се избориме со стравот од неа. Колку подобро ја прифатиме филозофијата на смртта како животна неминовност, која на некој начин и го диктира темпото на живот, толку подобро ќе се вклопиме во понапреднатата возраст кога и мислите за смртта се почести. Па и религијата може да помогне во многу нешта укажувајќи му на човека дека од пепел сме изникнале и во земја и пепел ќе одиме и дека некаде во некој друг живот ќе бидеме посреќни. Во меѓувреме, вработете го умот, барајте друштво на весели луѓе и самите бидете такви – заврши проф. Чадловски.

Вања Тодоровска
Фото-Pexels

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена