Салата од ротквици и краставици
Потребно е: 4 јајца, 2 свежи краставици, 2 везички ротквици, мирудии, 2 дл павлака, 1 дл јогурт, сол, младо кромитче, зелена салата.
Сварете ги јајцата. Излупете ги краставиците, измијте ги ротквиците, исчистете го и измијте го младото кромитче и исечкајте на тркалца. Во голем сад измешајте го зеленчукот, посолете, додадете ја павлаката, јогуртот и мирудиите и се` добро измешајте. Исечете ги јајцата на тркалца и ставете ги врз салатата. Декорирајте по желба.
Капрезе специјал
Потребно е: 250 г домати, 250 г моцарела, 150 г рукола, 2 лажици сос песто, сол, 2 лажици маслиново масло, 1 лажица балсамиран оцет, 20 црни маслинки, 1 лажичка сув босилек.
Исечете ги доматите на половина и измешајте ги со моцарела, па полијте со дресинг од песто, маслиново масло и балсамиран оцет. Измешајте, па додадете ја измиената и исцедена рукола и маслинки. Посолете и уште еднаш нежно промешајте. Сервирајте во чинии и посипете со босилек.
Пилешка салата со кикиритки
Потребно е: половина килограм пилешко бело месо, 150 г печени кикиритки, 100 г сусам, кисела павлака, морков, неколку ливчиња босилек и сол.
Сварете го белото месо и исечете го на тенки стапчиња. Кикиритките ставете ги во чиста крпа и иситнете. Пропржете го сусамот да добие златножолта боја. Измешајте го ренданиот морков со кисела павлака и додадете ги преостанатите состојки. По желба посолете, ставете неколку ливчиња босилек и пред да послужите, оставете ја салатата да отстои еден час во фрижидер.
Пролетна салата
Потребно е: 100 г чадена сланина, 200 г бело пилешко месо, 30 г пармезан, 3 чешниња лук, 2 парчиња препечен леб, зелена салата, два шери домати, сок од 1 лимон, павлака, мајонез, маслиново масло, црн пипер, сол.
Пропржете ја исечканата сланина во тавче. Извадете ја и ставете ја на салфетка да се впие маснотијата. Во тавче пропржете го пилешкото и кога ќе се олади исечете го на долги ленти. Лебот исечете го на коцки. Измешајте со исечкано лукче и пропржете на маснотијата која ја пуштила сланината. Извадете и ставете на салфетка. Измешајте маслиново масло со сок од лимон, посолете и додадете црн пипер. Со добиената смеса полејте ја измиената и исечкана зелена салата. Преку неа наредете го пилешкото, сланината, препечениот леб на коцки, шери доматите, крупно изренданиот пармезан и врз тоа полејте со изматена павлака со мајонез.
Фото-Pexels