4.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ… КОЛУМНИ ЗА ДУША – СОЊА

Ете, заврши кратката пауза. Решив малку да Ве одморам од моите колумни. И да видам дали можете без нив? Добив милион и триста пораки, во кои ме прашувавте зошто апансас престанав да пишувам?! Се шегувам. Ве заболе увото за оваа моја апстиненција. Без секого се може.
Оваа колумна целосно ѝ ја посветувам на мојата Соња. И намерно ја објавувам на нејзиниот роденден. Овен, подзнак Лав. Жестока комбинација. И кога сака, и кога мрази.
Со Соња сме заедно веќе 23 години. Се запознавме случајно, а се засакавме намерно. Плански. Едноставно, ги послушавме срцата. Таа долги години живеела во Скопје, но судбината сакаше никогаш да не ја сретнам во мојот роден град. Сценаристот наречен живот, нé спои во Валандово, каде што јас бев дел од Фестивалот како автор, а таа како новинар на весниците на Драган Б. Костиќ, „Шоу“ и „Турбо фолк“. Ете, тие два весници одамна не постојат, а нашата љубов се уште трае. И ќе трае. За инает за сите перипетии кои ни се случуваа во изминатите две децении.
Двајцата сме толку различни, толку свои и своеглави, ама ете, толку години функционираме и како целина. Особено сме забавни за околината. Кога сме во друштво, опасно се надополнуваме и расправаме, а тоа предизвикува неверојатна забава и смеа кај тие што ги слушаат двете верзии на сите наши приказни. Различни, а сепак слични. Еднаш кога гостувавме на Телма, камерманот едвај ја држеше камерата, од што се смееше на нашите смешно хистерични надополнувања.
Кога ја сретнав, таа беше како Барбика, а јас бев со долга коса и црна брада, како Перхан од „Дом за бесење“. Таа и денес е Барбика, а јас сум ќелав Дедо Мраз.
Разликите се привлекуваат, плус и минус, топло и студено, север и југ…
Таа сака да дава пари на виолина која ѝ свири на увце, јас бегам од музиката и имам змија во џеб. Таа сака црвен делишес, јас златен. Таа сака лигњи, јас сакам скара. Таа сака варен компир, јас сакам чипс. Таа ја сака Платамона, јас го сакам Охрид. Таа сака диско музика, јас сакам балади. Таа сака сирење во сите форми, јас се гадам од него. Таа обожава да чита историски книги за далечни земји, јас претпочитам руска класика. Таа сака марула, јас сакам зелка. Таа сака цреши, јас обожавам јагоди. Таа пуши по кутија цигари на ден, а јас немам пробано ниту дим. Таа сака Тојота, јас сакам Голф. Се возиме во Мерцедес. Таа сака празници, јас сакам делници.
Но, што е Том без Џери, Моцарт без Салиери, Црвенкапа без Волкот, брзата птица итрица без Којотот, Црна Арапина без Крали Марко…
И така, 23 години. Од првиот наш официјален состанок, во „Данивал“ во Лептокарија. Кога немаше запалка и бараше од келнерите во околните кафеани. И ден денес нема запалка. Баш вчера ме тераше да ѝ купам, зашто некаде ѝ се загубила. Нé спојува мостот наречен љубов. И нашиот Филип.


Понекогаш мислам дека Соња ми е награда за сите мои песни, за целиот мој ангажман на естрадата, каде што почнав од 18 години и каде што буквално ги дадов најубавите години од својот живот. И создадов преку 1200 текстови. Досега.
Таа пред да ме запознае, била силно вљубена во моите стихови. Особено во текстот на песната „Песна за нас“, која во 1992 година ја испеа Силви бенд, а не беше рамнодушна и на некои мои фолк приказни, од калибарот на „Жетварска љубов“ или „Приказна за Ангелина“. Двете испеани од Гоце. Арнаудов и Николовски. Ја освоив со мојата поезија, а сето друго веќе беше рутинска реализација, ха-ха-ха. Се шегувам. Беше тешко да се скроти нејзиниот темперамент. Медитерански, во секој случај.
Како и да е, секој Раскољников има по една Соња.
Се надевам не бев многу лигав?
И за крај на оваа необична роденденска честитка, еве една песна која никој, па ниту Соња ја немаат прочитано.

НИКОГАШ НЕ БЕВМЕ ПРИЈАТЕЛИ

Никогаш не бевме пријатели…
Не чекавме автобус на погрешна станица,
Не пиевме кафе, на бензинска пред Граница,
Не читавме книга и не превиткувавме страница,
Не кисневме на Градски под мојата кабаница.

Никогаш не бевме пријатели…
Не храневме птици, седнати на клупата,
Не делевме гратиси за свирките на групата,
Не седевме во ресторан и не дувавме во супата,
Не гледавме на биологија инсекти со лупата.

Никогаш не бевме пријатели…
Не се чекавме на Рекорд и не се разминавме,
Стари билети од кино, по претстава не скинавме,
Не се трезневме и не се опивавме,
На црвено светло никогаш не поминавме…

Веднаш станавме љубовници,
Две реки понорници,
Два кипа со морници…
Од небото избрани,
Од сонцето расцветани
Како рози бели…
Не, никогаш не бевме пријатели…
П.С. Судбината сакаше веднаш да се засакаме. Така требало да биде.
Немам ништо против. Нека трае…
Соња, среќен роденден! Те сакам и понатаму.

м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена