10.8 C
Skopje
четврток, јануари 30, 2025
spot_img

АЈ ФИЛ ФУД. Жал за летото

Иако јавно го замолив летото да не заминува, признавам- го молев, му шепкав да остане – само овој пат, ама, испадна џабе. Молчењето се развлече, немам повратна информација ама имам убава енергија што секоја вечер ја протнувам под ѕвезденото небо. И, сеуште сум со сандали, во куси ракави, затворам очи пред разголувања на дрвјата, сакајќи што подолго да останат зелени…
Забележувам ама не признавам, видливо се намалува денот, кај и да е ќе стане како скусен фустан испран на центрифуга, ќе почнат сиви утра, расположенијата ќе се менуваат како на лента… Затоа не го љубам ова годишно време.
И, за инает, секоја година имам свој временски календар, си терам некој интерен инает. Еве вака – за мене е сеуште е лето, сеедно што зеленото станува портокалово и жолто, се тешам со зборовите – утре е нов ден а изгубена битка не е и војна…
Можеби најмногу од се жалам затоа што ги мразам разделбите, ми асоцираат на тажни разминувања, а кога се емоциите во прашање – што е љубов освен пијанство и нели крајот е неизбежен? Кога човек ќе испие прва и втора чаша, му се отвора „дизната“ и се јавува жед, па тогаш пие чаша по чаша, не знае за доста и така со генерации…
И секогаш емоцијата не` прави слепи за грешки, трпеливи за здодевните реплики, обидувајќи се да ја сместиме љубовта во некоја мерлива константа… Патем, не можеш ли да се вљубиш во – летото?
Нели тоа сончевото лето асоцира на шарена, миризлива софра, понекое вино, кикотање и- бескрај?


Се топам од миризбите, ги сакам зашто секоја има своја асоцијација.
Миризбата на маслиновото масло, босилек, лук… Риби?! Морски и езерски гурманлуци, брускети со домат, паста од маслинки… Ах, ми се превртува желудникот од копнеж….

Грчка салата во која не се штеди на сирење, наросена со свежи зачински тревки, штотуку испечени тиквички, модар патлиџан… познат гурмански терен во кој знам што да очекувам.
А нашата, најубавата македонска салата со печени пиперки што се лупат како девјка соголена од страст…Вкусно и спокојно, за мерак што сакам подолго да трае.
Хм, нели е така и со старите љубови? Патуваш и знаеш дека си на вистинската релација…


Пиперките се чудо. Од се`што прават, се раѓа поезија на чинија од која се насмевнуваат и најзакоравените немтури. Пиперки полнети со урда, печени, гмечени, сечкани…. Комбинирани со домат, лук и магдонос. Да, може и да се лути. И распослани во сиот свој раскош во дружба со магдонос, лук и оцет….
Секогаш ми било интересно сознанието дека пиперките се добри за депресија, ревма (антиревматик) и за уште нешто (одличен афродизијак и диуретик).
Плус, тие ми се апсолутни херои затоа што се незаменливи кога е витаминот Ц во прашање – го имаат повеќе и од лимонот и од портокалот (една пиперки 100-250 мг)….
Да, безмилосна сум, и продолжувам со менито кое наскоро ќе ми стане само сеќавање – пиперки, домати и јајцата, компонирани во популарната летна манџа, за трендсетерите „миш-маш“.
Некаде прочитав дека нашите пороци демнат, чекаат по патот на животот, исто како гостилничари кај кои редум треба да отседнеме – се сомневам дека искуството би не` одвратило од нив, кога би ни било допуштено да го повториме патот.
Но, дали се` што набројав има врска со пороци? Повеќе ми личи на носталгија и бидејќи горепоставеното прашање го одговарам негативно, си го довршувам списокот со турли-тава, манџа со бамја, јанија, макала, салати: шопски, македонски, мешани, зелени, шарени, таратор,…
А овошје, вистински летни декаденции на сирење и смокви, грозје, дињи, праски и лубеници….


Ех, природата е величествена во малите работи.
Знаете зошто?
Затоа што – ќе се сврти моќното тркало и, се` ќе се повтори и за некој месец.
Ајде, ќе бидам Пенелопа, уште овој пат.
Валентина Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена