4.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Ај фил фуд. Миризливо – сласни марифетлуци

Небото ја облекло најубавата сина кошула, а во дезените не заостануваат ниту грмушките, ниту овошките и разноразни дрвја. Се се зеленее, се шарени, цути и буја.
Ах! Му се враќаме на животот!


Доколку и сега, во периодот на „гастро- освестување“, Германците живеат од колбаси, Англичаните- од пудингот, Италијаните од пици и пасти, ние богами, имаме со што да се пофалиме. Пролетното мени е бисер до бисер – младо кромитче, домат, пинџур, кај кого свежината се чуствува на прв залак, (пикантно лут, со малку лук и понекој домат), убаво сирење- биено, овчо, козјо…, сармички од штавељ или лозов лист, пиперки полнети со урда, тиквици – похувани, роловани, макало и понекоја исукана пита… Среќниците вадат адут од шпајзот- барем една тегла ајвар, а кој незнае за него, не може да разбере што значи восхит од сочна црвена пиперка и слаткастиот мирис што се шири од големи тенџериња каде се меша македонскиот кавијар…


Општо гледано, ние Македонците, посебно, повозрасните, иако сакаме зеленчук, не заостануваме ниту по изедениот леб. Статистичарите испишале бројки дека просечното домаќинство дневно консумира по 750 грама од оваа „насушна потреба“. Лебот се врзува за традицијата и идентитетот, има најдолга колективна меморија а присниот, односот- на „ти“ со пржени и толчени пиперки, ама и со летни манџичиња, значи откажување од сите можни воздржувања, режими и диети.


„Кажете ми било која причина и ќе знам дека зад неа се крие жена“- кажал Орсон Велс а ако некој го познавал понежниот пол и надолго и нашироко, тоа сигурно бил тој. Токму припадничките на мојот пол можат да направат вистинско случување со наједноставни работи за јадење – со „мимоза“, Македонска, Вардарска или шопска салата. Оваа последната, ако не се штеди на сирење, треба да наликува на куќа, завеана во снег.
Шопската салата е популарно предјадење а името и е од словенското племе Шопи, што биле стационирани во регионот околу Шар- планина, прочуена по доброто сирење.


А јагнешка дроб сарма? Специјалитетот достоен да му се напише песна, особено ако се консумира со млад кромид, во некоја бавча, во некое задоцнето попладне… Составот е прилагоден на периодов – јагнешка марамица, под која се кријат сите јагшеки изнутрици – бел и црн дроб, срце, презла, млад кромид, ориз, и во зависност од инсирација, и- спанаќ.
Пороците од софрите демнеат, чекаат по патот на животот.


Кога имаш малку години и ич искуство, романтиката во пролет се врзува за чувството на созревање ама и за важноста на моментот. Кај оние со подолга меморија, пороците се прашање на добрите јадења и пиења и секако последиците, што отпосле го најавуваат своето присуство. Наздравје!
Валентина Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена