Самите најдобро го создаваме своето здравје, но д-р Александар Митов, м-р по јавно здравје и влијанијата на животната средина, потенцира дека оспособувањето на луѓето врз контрола на истото, е многу важен процес.
Едноставно кажано, луѓето треба да се свесни дека пешачењето, лесната храна, овошјето, зеленчукот, течностите и секако размена на енергијата со пријателите…, се работи што му годат на организмот.
Во продолжение прочитајте ги советите на д-р Митов: за црното чоколадо, чај, интегрален леб…
И покрај тоа што се обидуваме да се храниме здраво и да внесуваме
доволно течности, сепак имаме лоша пробава, помалку сме успорени, немаме енергија, не мачи несоница… Дали станува збор за несоодветни, некои ги нарекуваат- лоши комбинации на храна?
– Нашите тела се извонредно добро подготвени да обработат храна која содржи различни макронитриенти. Всушност, и самата природа ги измешала. Еве еден пример: земете зрно грав. Во него има и протеини и јаглехидрати. И сега, каде ќе го вброиме? Во протеинска или јаглехидратна храна? Кај храната е важно да се има ред, секојдневни рутини, претежно да е растителна и не во преголеми количини. Кога е таква, телото нема проблем да ја обработи на правилен начин.
Како изгледа вашето дневно мени? Дали се согласувате со поговорката од минатиот век- појадокот изеди го сам, ручекот подели го со пријателите а вечерата со непријателите?
– Да, таа поговорка потекнува од народната мудрост, но сега веќе е поткрепена и од научен аспект. Така го организирам и моето дневно мени: доручекот е задолжителен и редовно има сложени јагрехидрати, ручекот е најчесто од македоската традиционална кујна, претежно мешунки а вечерата е лесна и базирана на зеленчук.
Што треба да се знае кога се јаде овошје: дали да се одбегнува
навечер, можат ли да се прават комбинации на овошје?
– Овошјето не само што е корисно, туку е и неопходно во начинот на исхрана. Сите диети кои го исфрлија овошјето од употреба се штетни за здравјето. Науката не вели дека треба да се исфрли овошјето ниту кај пациентите со дијабет, а камоли кај сосема здрави личности. Добро е овошјето да се зема во форма на ужинка, бидејќи така брзо се обработува и ни ја дава потребната енергија за функционирање во текот на денот.
Кога сепак имаме потреба од благо, што смееме? Црно чоколадо, со
голем процент на какао?
– Потребата од благо мора прво да се анализира, од каде потекнува? Еден од одговорите е дека едноставно може да станува збор за навика. И тоа е едноставно, се работи за промена на таа навика која најчесто се јавува после ручек. Но, друга и посериозна причина за потреба од благо е евентуално високото ниво на инсулин во телото. Тогаш потребата од благо се манифестира на посилен начин и е понагласена. Таму прво треба да се делува на намалување на отпорноста кон инсулинот, а со тоа автоматски ќе се намали или изгуби потребата од благо. Црното чоколадо во умерени количини е добра опција.
Вода и чаеви. Дали треба да се одбегнува течност за време на оброк, и можно ли е да се „предозираме“ со чај, доколку пиеме само еден вид, на пр. хибискус? Всушност, која е идеална количина на течност што треба да се внесува на дневна база?
-Чајот кој јас го препорачувам е оној од хибискус. Тој има највисока содржина на антиоксиданси. Сепак, обична вода е исто одлична идеја за хидратација. И би додал уште- лимонада, посебно во летниот период.
Нема точно одредена формула за тоа колку вода треба да се испие во еден ден. Зависи од многу фактори, на пример колкава ни е телесната тежина, какви ни се оброците, колку сме физички активни, колкава е температурата и влажноста на просторот околу нас… има едно начелно правило кое вели- околу 2 литра.
Дали препорачувате витамински, сезонски салати во комбинација со леб? Каков леб, и дали е умно да се препекува? Потоа, леб и маслинки, диња и пршута?
– Лебот, ако е интегрален, е здрава храна. И оттука има свое заслужено место во нашата кујна. Секако, може да се комбинира со се, освен со тестенини. Препекувањето нема да му додаде никава вредност, можеби само ќе ни ја намали можноста да изедеме поголема количина. Но, доколку почне да менува боја со самото препекување, тогаш сме го расипале и веќе не е за консумација. И да не испуштам, пршута не препорачувам, исто како и сите сувомеснати производи. Не постои квалитетен сувомеснат производ, колку и да е скап.
Умереноста е особено важна кога се споменува алкохолот. Сепак, една чаша вино може да биде и лековита?
– Виното има долга листа на корисни состојки за кои се знае дека му помагаат на нашето здравје. Но, за точната количина на алкохол, кој е безбедно да се внесува има големи дебати и конктрадикторни студии. Тие одат од едната крајност- дека има дозволено ниво на внес на алкохол, па се до точката дека ниту една количина на алкохол не е сосема безбедна по нашето здравје. Како и да е, тука особено повикувам на умереност и спорадична употреба.
Некои луѓе можат да поднесат луто и уживаат во него, некои не. За
оние што го сакаат- колку е здраво, може ли лутото да лекува?
– Постојат материи кои се знае дека делуваат позитивно на нашето здравје, а се лути на јазикот. За нив јасно се знае дека имаат антивоспалителен ефект и како такви може да помогнат во низа заболувања. Меѓутоа, тоа не е област каде би требало да се форсираме, доколку едноставно не сме навикнати и тешко ни оди. Станува збор за навика која ако не се развие во помлади години, подоцна тешко се развива. Човек може да биде здрав и без луто, секако.
Д-р Митов: Важно е сега да „собереме“ доволно витамин Д.
Идеална физичка активност, надвор од теретаните, за оние што
остануваат во градот?
– Постојано потсетувам: пешачење, пешачење, пешачење… Тоа е нашата природна активност која му одговара на телото, за која сме дизајнирани и има реални придобивки за нашето здравје. Сега кога воздухот е чист, мора да сме мудри и да го искористите моментот за да се подготвиме за зимата пред нас. Сега е моментот да пешачиме секој ден, или и два пати на ден, не би било лошо, 30 минути минимум.
Што задолжително треба да консумираме во време на пандемијта? Мед, лук, ѓумбир, цимет.., или се и тоа застарените сваќања поврзани за здравјето?
– Природната растителна храната делува добро на целото здравје, а со тоа и на имунитетот. Важно е сега да собереме доволно витамин Д, во летиниот период, и секако витамин Ц, на дневна основа од големиот избор на сезонско овошје што ќе го има во следните неколку месеци.
Што и препорачувате на повозрасната популација, на пензионерите?
Како се станува долговечен?
– Ние како нација најмногу грешиме во неактивноста. Ако нешто едноставно имам да им препорачам – тоа е да се движат, да бидат активни и да пешачат секој ден. Најлошото нешто што човек може да го направи за своето здравје е да „залежи“, да не се движи и најголем дел од денот да го преседи или прележи. Не е скапо, скоро секој го може, сите имаме услови за пешачење.
А во однос на храната, еден општ совет би бил: нека се држат претежно до растителната исхрана. И секако, дружењето со пријатели, со комшии, со роднини – сето тоа придонесува да бидеме поздрави.
Валентина Вања Тодоровска
Фото- Pixabay