Бакшиш е правило, ритуал, домаќински ред и еснафски гест, да се почести келнерот што послужува: се според паричникот, ситни и крупни пари, инспирацијата и мотивот… Искрено кажано, секој од нас бил во ситуација кога му било незгодно да не остави ништо, и покрај тоа што келнерот не бил- на висина на задача. Некогаш наметливоста на келнерот, да се „нацрта“ токму во моментот кога плаќате, да зачистува или да ве прашува нешто што го заборавил на почетокот, како да „принудуваат“ да оставите напојница. Тоа веројатно има врска со нашата природна љубезност и домашното воспитание, што може оддалеку да се намириса и почувствува.
Келнер во едно актуелно скопско кафуле, кој разбирливо сакаше да остане анонимен, откри дека добива бакшиш кога заседнуваат поголеми друштва, често поради оставање впечаток, но дека многу погалантни се девојките.
„Тие оставаат пари за свој ќеф, без некоја посебна ’политика’, прават вистински журки и брзо се фаќаат за паричник.“
Бидејќи ги знае табиетите на постојаните гости, изненадувањата, освен во специјални пригоди, се ретки. Впечатокот е дека најмногу пари оставаат бизнисмени и луѓето од естрада, иако многумина од нив гласно го бараат газдата или пак се незадоволни и драматични- кога ќе им се донесе сметката.
Политичарите се најскржави и кога плаќаат – најчесто зборуваат по телефон, веројатно за да избегнат „напојница“.
Значи – бакшиш е награда, но не е така на сите меридијани : во секоја земја „наградувањето“ се нарекува поинаку, а и навиките на туристите од сите делови на светот се поинакви.
Во луксузен хотел во Јапонија бакшиш е навреда, а доколку не се фатите за паричник во ресторан или кафуле во кој било дел од Америка – лошо ви се пишува. Стручњаците од туристичката публикација „Фодорс“ велат дека дилема да дадете нешто или ништо, треба да ја пресечете со – да. Да дадете бакшиш.
Во Египет бакшишот е задолжителен бидејќи работниците се толку слабо платени, што и на овој начин си ја олеснуваат егзистенцијата. Бакшишот изнесува 10 проценти од сметката и тоа пишува – црно на бело и ако не ги почестите со некој долар, ќе забележите незадоволство. Затоа келнерите буквално се тепаат кога ќе видат гостин Американец – тие оставаат богата „напојница“ и се најомилени во земјите на Северна Африка.
Нашите луѓе кои живеат во Египет, велат дека постои цела економија создадена од бакшиши и пликови, каде што се пресметани процентите од завршената работа.
„Тука во Каиро, дури и ситните монети никој не ги враќа“, вели Офелија Гаческа-Садек, „а кога ќе ги прашате – зошто, секогаш одговараат со – „немам ситно“. Но животот е многу скап и на секој начин се бара можност за приход. Освен тоа, во големи странски компании нема излегување од работа и вршење приватни работи и за отсуство се огромни казните, па така се ангажираат луѓе за разни услуги. За да одбегнам чекање, турканици и нервози, платив да ми ја донесат дома личната карта. Тоа ме чинеше 30 евра“.
За Тајланд велат дека бакшиш постои, ама е незадолжителен, но Тајланѓаните се толку љубезни и услужливи, што ретко кој турист не ги наградува за добар пристап и љубезност.
Во Холандија пак, келнерите не се многу навикнати на бакшиш, му се радуваат, но не го очекуваат, бидејќи добиваат плата, осигурени се и напојницата им е екстра заработувачка.
Сите што ја посетиле земјата на лалињата велат дека постои нешто како професионално задоволство, работата е добро платена, па затоа и келнерите се насмеани, љубезни и – духовити.
Во англиската престолнина е поинаку – доколку убаво се најадете во некој добар лондонски ресторан, бакшишот треба да изнесува од 10-15 отсто од вкупната сметка. Но, сметката задолжително се проверува, бидејќи на некои бакшишот е автоматски пресметан. Многу често постои и дел објаснет како – „сервис чарџ“ и тогаш (ако си екстра задоволен) се остава бакшиш. Во обратни случаи, бакшишот може да се одземе од сметката, и најчесто, плаќањето се заокружува – ако изнесува 122 фунти, се плаќа 130 и повеќе.
Плаќањата во Франција секогаш предизвикуваат изненадување кај туристите затоа што бакшишот (10-15 %) го има во сметката и се нарекува „пурбоар“, додека Италијанците таа ставка ја имаат заведено на сметката како „пунта“.
Во Турција, на крај, треба да „капнете“ нешто во ковчежето, во Грција угостителите очекуваат бакшиш, додека во Шпанија бакшишот е награда за добра услуга, па доколку не сте задоволни со неа, вашето легитимно право е тоа и да го изразите. Во обратна насока, ако ви се допадне ручекот во некој ресторан во Барселона, на вкупната сметка ќе додадете бакшиш помеѓу 7 и 13 отсто.
Вања Тодоровска
Фото: Pixabay, Pexels