Веста за смртта на Ѓорѓе Балашавиќ, што ја соопштија српските медиуми, дека „големиот кантавтор, писател и музичар, почина во 67-мата година од животот, поради последиците од корона вирусот“, како збогувања со драгите луѓе, ме затекна неподготвена.
Мислев дека големите пера, волшебници со зборови, не умираат, дека таму пред облаците прават договор, и остануваат. Поради љубовта, музиката, поради тони и тони стихови со кои си ги шиевме дупките во душата, со кои растевме, сакавме, се опивавме и лекувавме.
Романтичен, нежен, бескрајно поинаков, Ѓоле е една од последните нитки по кои тагува некогашната Југославија... „Балашевиќ е Чехов на ова време“- со големиот уметник се прости и Раде Шербеџија, се палат свеќи и се пеат неговите песни низ целата бивша земја. Како да запре планетата, се затрупавме со страв и безнадежност, збогувањата ни станаа секојдневие… Ѓорѓе знаеше да праша, што е тага за Д-мол, и најљубовно да напише: „Ако те загубам било кога, вети ми едно. Нема да се дадеш на некој неранимајко што не те заслужува. Особено не, за да ми правиш инает. Ако ми се инаетиш, тогаш, биди среќна…“
И, што останува откако ќе замине поетот? Чувството дека не направи се, иако брои 16 албуми, неколку книги („Три ратна друга“, „Један од оних живота“, „Напослетку“), сценарија за тв- серии, филмови и многу песни, песништа : „Живот је море“, „Само да рата не буде“, „Драго ми је због мог старог“, „Свирајте ми јесен стиже дуњо моја“, „Оливера“, „Неки нови клинци“,„Прича о Васи Ладачком“,„Словенска“, „Портрет мог живота“ …
На крај , слично на краевите на сите големи нешта, нема да се збогувам со меланхоличниот трагач по долче вита. По тоа негово верно и чуствително срце останува тага поголема и од Д-мол.
Вања Тодоровска
Фотографија – принтскрин јутјуб