10.8 C
Skopje
четврток, јануари 30, 2025
spot_img

Ивана Симјановска: Доброто вино ја има магичната способност да го каже она што го молчиме

Ми се допаѓа констатацијата за постоење на две логики: математичка и дијалектичка, затоа што се останато е женската логика. Во тој контекст ќе ја парафразирам Ивана Симјановска, која вели дека фактот што му припаѓа на светот на виното, на луѓето им делува интригантно.
Добра логика, бидејќи упорноста, виното и храброста се неопходни алатки за поправање на светот. Да, виното може да ја смени реалноста, констатира мојата соговорничка, авторката на првиот Водич Slow Wine, вински судија, критичар, дегустатор.., и жена со „добар нос“.

Да почнеме со Водичот Slow Wine, кој е значаен од многу аспекти: поради новиот пристап во вреднувањето и промоцијата на виното, презентирањето на поинакви, уникатни приказни за винарите, локалните вински сорти грозје, традицијата и технологијата на виното… Што уште?
– Овој вински водич пред се’ е гласило на македонските семејни винарии кои како нов бран се појавуваат во последниве години на винската сцена, а сепак имаат корен од дамнина. Мило ми е што денеска имаме се’ поголем број на регистрирани семејни винарии, што многу од нив доаѓаат од позаборавени, неистражени виногорја со огромен потенцијал, што се дружат и разменуваат искуства, и што со своето бидување ја збогатија македонската винска сцена.
Идејата со овој водич е да се прикажат винарите, да се прераскаже нивната лична приказна за виното и нивните вина да станат видливи на пошироката јавност. Се работи за винари кај кои е очигледна нивната страст и поврзаност со земјата, лозјата, локалните вински сорти грозје и пејзажите, традицијата и технологијата на вино. Slow Wine ги фаворизира винарите кои го уважуваат биодиверзитетот, спроведуваат еколошки одржливи практики на одгледување винова лоза и производство на вино.

Ајде малку подетално: кои критериуми беа важни, клучни во изборот на вината и винариите? И, што значи Slow Wine комитет?
– Изборот на вина е направен врз основа на посети на винариите, разговори со винарите и сесии на сензорно оценување, благодарение на нашиот тим на експерти за вино, здружен во Slow Wine комитет. Slow Wine комитетот се состои од македонски експерти од винскиот свет- енолози, вински консултанти, вински критичари, автори и новинари, кои се собрани со цел да ги дегустираат вината и да дадат реална оценка за нивниот квалитет.

Бидејќи си долго во светот на виното, и имаш импресивни моменти во кариерата (на пример- прв македонски судија на светскиот вински натпревар Concours Mondial de Bruxelles во 2013-та година), како одеше процесот на творењето: од идеја до збор, се видено да го пренесеш во Водичот за вино?
– Па, ако може да додам, не само Concours Mondial de Bruxelles, туку и прв македонски вински судија на Интернационалниот балканскиот вински натпревар (The Balkans International Wine Competition), каде судам цели десет години од самиот почеток, а можеби најинтересно е што сум прв македонски судија на Интернационалниот вински натпревар во Солун (Thessaloniki International Wine & Spirits Competition).
Творењето и создавањето на овој водич си дојде само по себе, затоа што како и на секој познавач на вино, малите винарии му се слабост. Со некои од винарите во водичот се знам од самите мои почетоци во светот на виното, па заедно расневме во нашата мисија за промовирање на македонското вино. Мило ми е што гледам како се развиваат и што Слоу Фуд Македонија ми ја даде таа доверба токму јас да бидам автор на текстовите и да го прераскажам она што тие го прават и се залагаат.

Претпознатлив е твојот восхит поради квалитетното другарување со винарите. Имаш ли чувство дека винскиот свет е осамен во мисијата на единственото вистинско витештво?
– Другарувањето и соработувањето со сите нив години наназад ми е задоволство затоа што многу дебатираме на темата вино, учиме едни од други, па и не само вино и фасцинантно ми е што и покрај тоа што е тешко да опстоиш во овој свет, сепак, има тоа нешто што никогаш не ти дозволува да се откажеш.
Винскиот свет би рекла дека е свет сам за себе во кој сите останати се трудат да бидат дел од него на некој начин- како консументи, колекционери, восхитувачи,…

Жена и вино звучи како љубов што бара магична перспектива, добар поглед, заводливост но и „сензитивноста на носот“?
– Најпрво е сензитивноста на носот како предуслов, а се’ останато е дел од карактер и шармот кој доаѓа кога го правиш она што го љубиш. Луѓето поинаку ме восприемаат откако ќе кажам дека сум во светот на виното. Најверојатно им е интригантно.

За виното се пее, пишува, се прават мали и големи чуда. Можеби не е бегање од реалноста, туку можност да кажеме кои сме токму преку работите што ги сакаме?
– Дружбата со виното е уживање во сегашноста, a мало бегање од реалноста. Во кој и дел на светот да сте, кога споделувате вино со луѓе, муабетите за нештата си течат сами по себе. Виното ја има таа магична способност да ги собере на една маса луѓето и да ги зближи, и баш така, да си кажат кои се, зошто се и да ги инспирира кои сакаат да бидат. Никогаш не е здодевно.

Бидејќи си прецизна и систематична- што следува по овој првиот чекор на нашиот вински водич?
– Сега на ред е промоција на Slow Wine водичот во Болоња, Италија каде ќе се одржи интернационалниот Slow Wine фестивал и каде ние за прв пат како македонска делегација ќе се приклучиме кон Slow Wine коалицијата. Се’ се ова фази кои ќе помогнат да ги промовираме заложбите на Slow Wine коалицијата која се залага за чисто, добро и правично вино, а тоа значи зачувување на природата и биодоверзитетот со спроведување на еколошки практики во лозјето, зачувување на традициите во производство на вино, и креирање на фер цена на производеното вино.
Првиот Slow Wine водич сеуште не беше завршен, а интересот да се биде дел од вториот вински водич е огромен, па тоа се следните планови. Во светот на виното, се нема време за чекање.

Валентина Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена