Chef Маре Јаневска: Есенска колоритна салата
За почеток земете 300г тиква и 3 компира, исечете ги на коцки и ставете во плех обложен со хартија за печење. Понатаму, тие се попрскуваат со малку крупна сол, мелен црн пипер и малку маслиново масло. Се печат на 200 степени, се додека не омекнат. Се ладат.
Во посебен длабок сад се меша 1 мала конзерва црвен грав, исцеден и една главица црвен кромид, сечкан на тенки ленти и сечкано младо лукче. Се зачинува со балсамико, соја сос и малку маслиново масло.
Во друг сад се мешаат 6 лажици мајонез со 2 лажици течност од кисели краставички или кисела туршија, малку кари и црн пипер.
Во сад за сервирање се реди половина од тиквата и компирот, потоа сос од мајонез, па половина од мешавината со грав и кромид. Процесот се повторува се додека не се потрошат сите намирници. На крајот врз колоритната салата може да додадете малку рукола и сечкан магдонос.