Chef Маре Јаневска: Маратон во чест на дивиот лук
Се буди пролетта, се будам и јас. Да останеш рамнодушен на тие бои и свежина, кои природата ни ги дарува, едноставно не е можно. Време е за мала пауза од долго крчканите јадења, да се посветиме на свежите салатки и брзо подготвените залчиња, кои ќе ни дадат енергија да се избориме со притисоците и секојдневието.
Ме мами пазарот секојдневно, очите и душата да ми се полнат со убавините кои ни ги нуди пролетта.
И така, си ги полнам очите и торбите, се од свежо, посвежо. Дури успеав да најдам и домат, кој после цела зима ме изненади со својата боја и мирис. Но сепак, главна улога во мојата пролетна приказна зазема дивиот лук (мечкин лук), кој воодушевува со својата моќна арома.
Колку само салатки и мезенца ми надојдоа на памет, во кои ќе владее тој.
Прва салатка, едноставна но со таква моќ, што ке те натера да се поклониш пред неа.
Една краставица, исечена на ленти, ја прелив со масло од сушен домат и малку лимон. Потоа доматот на крупни коцки и сушен домат, ги додадов врз нежните ленти, дополнив со коцки овчо трничко сирење, и на крајот бланширан див лук на маслиново масло и морска сол.
Придружбата за салатката ја направија децата, полнети кори со овчо сирење и павлака, свиткани во баклави и потпечени на тава со малку путер. Крцкави, совршени за комплетно уживање со салатата.
И така започна маратонот во чест на дивиот лук. Следуваа и други салатки, фокача, песто, намази, преливи…..се што не прави среќни и ни ги буди сите сетила.
Фокача
Потребно е: 200г интегрално брашно, 300г бело брашно, половина свеж квасец, 1 лажица сол, 1 лаж шеќер и 5 лажици масло. Сето ова се замесува со млака вода и се остава да нарасне.
Кога ќе нарасне двојно во волумен, се става на плех, обложен со хартија и малку маслиново масло. Се остава повторно да нарасне потоа се попрскува со маслиново и нежно се притиска со врвовите на прстите, да се направат дупчиња, во кои ке навлезе маслиновото масло. Потоа додаваме парчиња див лук, маслинки, свежа мајчина душица и босилек, парчиња сушен домат во масло. Ја оставаме фокачата да одмара, и одвреме- навреме ги притиснуваме додатоците да навлезат добро во тестото. На тој начин го заштитуваме вкусот на додатоците кои нема да се исушат при печење, туку ќе останат во длабините на тестото. Рерната ја загреваме на 200С, без вентилатор и ја печеме фокачата околу 15 минути.
Песто од див лук и босилек
Постапката за овој рецепт е следна: 10 листови див лук и 10 листови босилек, измиени и добро исушени се ставаат во аван за толчење со малку крупна сол. Се притискаат со толчникот и со кружни движења се пасираат, да се добие мазна смеса. Потоа се додава кора и сок од половина лимон, малку мелен бибер, 50г рендан пармезан и 150мл маслиново масло. Сето тоа убаво се толчи заедно, ако е потребно се додава уште маслиново масло за да се добие убава течна смеса. Пестото се користи во салати, намази, во тестенини, брускети а ненадминлив е со млади компирчиња и со пилешкото месо.
7дена.мк
Коментарите се затворени