За оваа погача се потребни 150 г наут, од ситниот, кој се меле во појак блендер а порано старите го толчеле во аван.
Навечер, наутот се става во сад и се посипува со топла филтрирана вода, околу 40 степени и се остава да отстои до утро. Многу е важно да се одржува температурата, да биде топло, за да можат квасните габи да се развијат. Јас тоа го направив во рерна, вклучена на 40 Ц.
Наутро, по отприлика 10-тина часа, на површината од покиснатиот наут треба да има убава пена, која наликува на активиран квасец. Ова се истура во длабок сад, се додава половина чаша топла филтрирана вода и малку бело брашно, колку да се направи ретко, лепливо тесто. Се покрива со стреч, да стаса, околу 1 час.
Потоа повторно се додаваат околу 50 мл топла филтрирана вода, сол и брашно, за да се замеси убаво меко тесто, но да може да се формира. На крај, се додаваат уште 3-4 лажици масло и се завршува месењето. Се остава да стаса околу 2-3 часа.
Потоа погачата се формира по желба на набрашнета површина, се посипува со брашно и се засекува по желба. Повторно се остава да стаса околу 1 час.
Се пече во загреана рерна на 200 Ц околу 40 минути.
Додека погачата се пече, миризбата е малку необична, но така треба да биде: да потсетува на сирење, мувла а причината за тоа се квасните габи од наутот.
Порано старите ставале во тестото сув босилек или мајчина душица, за да се смени миризбата. Печењето е константно на 200 Ц, се дури не се добие кафеава тврда кора.