Chef Маре Јаневска: Украински боршт и меки „пампушки“
Овој рецепт е навистина посебен и се подготвува натенане.
Постои една стара украинска шега која гласи: „Ако сакаш добар вчерашен Боршт, дојди утре“, со што се истакнува комплексноста на ова јадење.
Процедурата е следна: се сецка 1 голема главица кромид и се пропржува на малку масло. Потоа се додаваат 2 моркови, 1 зелена пиперка и 1 голем компир, сецкани на коцки. Дури тие се пржат, половина зелка се сече на крупни парчиња и се додава да се пропржи. Потоа се ставаат 2 лажици доматно пире, 1 чаша домашна салца и 1литар телешки бујон од коска. Може да се додаде и телешко месо со коска, заедно со бујонот. Се вари 15-20 минути.
Во посебен сад за пржење се додава едно цвекло, рендано на крупно, се пропржува кратко на малку масло и се додава во чорбата. Се вари уште 5 минути. За тоа време се сецкаат млад кромид и млад лук, пола китка магдонос и 1 мала китка свеж копар.
Чорбата се трга од оган, се додаваат последните додатоци и се зачинува со сол и бибер. Послужена со кремаста павлака е совршенство во чинија.
За тие што љубат месени работи, оваа чорба ја послужуваат со преубавите Пампушки- мали топчиња леб, прелиени со смеса од сецкан магдонос, толчен лук, сол, бибер и маслиново масло. Се преливаат со смесата дури се топли, за да ги впијат сите вкусови.
Коментарите се затворени