Твојата традиционална, декемвриска изложба на накит годинава е во знак на бројката 16. Што овие години значат за атељето „Алекстра“?
– Моите почетоци се врзани за голема желба за творење и креативно изразување. Започнав со изработка на ѓердани од дрво и пластична монистра. Првата колекција, која се состоеше од околу 30 ѓердани, алки и обетки, се продаде брзо, што ми претствуваше поттик за понатамошно творење. Се започна како хоби, но како поминуваше времето, следеше официјализирање на мојата работа. Создадов фирма и склучив соработка со поголеми компании за продажба на мојот накит. Со секоја нова колекција се надградував, усовршував и осознавав за техниките при изработка на накит. После неколку години успешно работење се ориентирав на кристалотерапијата како комплексен систем –наука за полускапоцените камења и нивната примена во нашиот секојдневен живот. На нивната енергија како и природната убавина на самите минерали. За некој ден следи уште една изложба, на 12 и 13 декември (18 ч.) во Лајт Клуб Ресторан, каде ќе се претставам со новата колекција за есен –зима 2018-2019 насловена како „ВЕРА“ во чест на мојата баба.
Кога е во прашање креативноста, ветер во грб е- инспирација, која верувам ја гледаш секаде околу себе.
-Да, инспирацијата е околу мене, едноставно креативноста произлегува од смиреноста, природата. Материјалите при изработка се разновидни, основни се полудрагите камења, кристали, стакло, кожа, природни материјали-ткаенини. Полудрагите камења се увезуваат, но може да се најдат и кај нас во Скопје. Се останато е креативност и умешност. Ги изработувам во моето атеље, во мојот дом.
Секогаш е потребна опсервација на пазарот, следење на модни трендови но со личен печат на се она што го изработувам. Пратење на сезонски колорити, модели, случувања. Времето за изработка на едно ланче зависи од комплексноста на изработката, временски трае некогаш еден, некогаш четири, пет дена.
Твојата таргет група се жени со веќе изграден стил. Но, веројатно и совпаѓањето со хороскопскиот знак е посебен предизвик за ние што ги сакаат камењата, кристалите…
-Македонските дами знаат што сакаат, имаат изграден стил, а процентот е на оние кои сакаат масивен накит и на оние кои преферираат поедноставни модели. Да, последните години се интерсираат за накит според хороскопскиот знак, или, доколку сакаат да потенцираат некој сегмент од нивниот живот се изработува накит за љубов, за напредок во работата, за смиреност, за хормонален баланс итн…
Во мојот пакет на инспирации неодамна започнав со слики во „поуринг техника“ со акрил и тоа е нешто што ме исполнува максимално, со секоја нова слика се пронаоѓам како уметник на една нова димензија на уметноста и творењето, каде што дадов свој печат со вметнување на кристали во сликите.
Задоволството е уште поголемо кога накитот „на прва“ ќе им се допадне на познатите имиња.
– Досега накитот на Алекстра брендот ги красат познати естрадни личности од регионов- Оливер Драгојевиќ, Дорис Драговиќ, Северина, Лепа Брена, Жељко Јоксимовиќ, Жељко Самарџиќ , Здравко Чолиќ, Наташа Томшевиќи др. Подароците ги изработив според нивниот хороскопски знак, а импресиите беа восхит, благодарност и искрени пофалби за уникатноста. Дорис Драговиќ како познавач на кристалотерапијата беше многу изненадена од совпаѓањето на минералите со нејзините лични убедувања, Лепа Брена беше невидено воодушевена, дури изрази желба за соработка. Оливер Драгојевиќ веднаш си ја стави бројаницата…
Драгоцени се твоите искуства за оние што допрва планираат да запловат во слични води. Што би им порачала?
– Од оваа година започнав и со одржување на обуки за почетници на барање на потрошувачите, се со цел пренесување на знаењето како и совети за започнување свој бизнис во овој сектор. Убаво е кога можеш да споделиш искуство…После 16 години работа мој совет за сите почетници кои планираат да изработуваат накит е да бидат насочени максимално кон она што го работат, да почнат како хоби но доколку сакаат вистински резултати, треба да се вложат себеси првенствено со идеја и концепт за нивните планови. И да запаметат дека – за секој брод постојат патници…
Коментарите се затворени