Горан и Ленче Кукиќ со групата „Јупитер“ вчера направија вистинско концертно шоу со пријателите во Центарот за култура во Струмица. По завршувањето на концертот мораа двапати да се вратат на сцена и повторно да пеат за струмичани кои со овации и силен аплауз не сакаа да ја напуштат салата од музичката убавина што им ја приредија. Горан понесен од позитивната енергија што зрачеше во салата и почитта на струмичани кон македонската музика, зад сцена емотивно заплака.

Горан и Ленче докажаа зошто ги освојуваат симпатиите на музичките сладокусци од сите поранешни југословенски простори. Одржаа фантастичен концерт во кој доминираа нивните вокали, надополнети со одлична сценографија и светлосни ефекти, како за големи музички имиња.
,,Приредија концерт кој долго ќе се памети. Дефинитивно вакви концерти и се потребни и на Струмица и на Македонија каде со поинаков пристап може да се ужива и во македонската новокомпонираната музика, но и во песни кои се безвременски и хитови. Горан и Ленче дефинитивно го донесоа шоуто „Никогаш не е доцна“ и во Струмица, коментираа струмичани по концертот.
На концертот настапија и Благица Калева, групата „Интервали“, Горан Алачки, Ивана Ѓакова од Бугарија но и пријателите на Горан од првиот серијал на музичкото шоу „Никогаш не е доцна“, Марко Жигмановиќ, Билјана Прокиќ, Мирзад Прваниќ.


