Пријателства на далечина: Офелија Гаџевска- Садек
Секој од нас, особено ако е со долга меморија, има пријатели на кои се сеќава со нежност, луѓе кои му се на чекор до срцето, но реално- иљадници киломерти далеку.
И покрај „паметни“ и какви се не телефони, физичкото присуство е незаменливо, иако многу ни се сменија размислувањата во времето на корона.
Муабетот ми беше, телефонот не може да замени гушкање, повик во „ниедно време“, „ти реков ми рече“ муабети. Токму затоа на прашањето колку пријателствата се имуни на далечина и разделеност, нашата соговорничка Офелија Гаџевска- Садек, која повеќе од 20 години живее во Каиро одговори дека- се е како што било во најубавите времиња.
– Од искуството знам дека пријателствата на далечина, конкретно на релацијата Египет- Македонија, или Скопје- Каиро, успеваат ако им се посвети внимание и време. Животот на нас што живееме во странство ни е поделен на различни фајлови. Во овие 25 години јас повеќе размислувам за минатиот живот во Македонија, фамилијата, посебно пријателите, многу повеќе одошто препоставувате.
Спомените се бојат уште посјајно, пријателствата од основното, средното, факултетот и работата, сеуште се исти и јас се трудам 3-4 пати годишно, без разлика на се, да одвојам време и дојдам дома, и со срце и душа да се видам, изгушкам и изнаприкажам со моите сакани пријатели.
Јас реагирам со срце, и навистина со душа ги ценам, почитувам и респектирам животните приказни на моите пријатели и можеби ќе звучи наивно, но навистина на сите им пожелувам убавини, се грижам и радувам за проблемите и успесите. И, не дозволувам делот од мојот живот од другиот континент, со други луѓе, навики, култури, да ми го одземат она што сум го создавала на столбовите на моралните вредности од 80-90-тите години, дружењата што ме обликуваа и ме направија она што сум денес.
Инаку, не сакам само пораки, мејлови, сакам да го слушнам гласот на моите пријатели и претпочитам разговор со кафе или убавата софра во Македонија.
Убаво е што моите пријатели и почитувани другари ми посветуваат време што го немаат, многу ми значи и навистина ценам што и покрај обврските ме мазат а редот на „светите обичаи“ мора до крај да се испочитува, и јас со секое враќање во Каиро сум со 5 килограми повеќе.
Од аеродром директно се оди во „Седмица“, хамургери со Тања и Искра доцна навечер, па пријавување кај Анетка и Ребека дека сум дојдена.
Ручече во „Дукат“ и носталгични муабети со Вања- се навлеков на телешка чорба, домашни кобасици и пиво, што почнав да го пијам на 47 години. Потоа турското кафе и специјалите на мама, утрата ми ги засладува со потпечен бурек мојот брат Антонио, ручек во 7- мица со Аркан, баклавите и сега кадаиф… Леле колку сакам да сум во Скопје… Па Златко на Тања и бело вино со спрајт на терасата во двор, убавите спомени по улицата во центар со комшиите и мојата драга Гоца Туркиш, Мики и Мимоза…Секаде доцнам додека да се испопоздравам, а ги обожавам убавите ручеци со Ребека и Мики, спомените од времето поминато во авијација, Даниела и Елизабета Грозданова, што не собира на кафиња испреплетени со случки во авионите, ноќните преспивања кај мојата душевна сестра Анета, Душко и Мирјана од МТВ, концертите на Ерос со Тања, саботите со Искра и ручеците на Огнен, приказните и случките на нивните екселенции Игор и Велибор „од по светот“ кои толку многу ме смеат и ми носат радост па со недели на Џон неможам да му изнакажам со кого се сум се видела и исприкажала.
И да не ги заборавам и вечерите со Ирина и Рубин и многу други заеднички пријатели на Џон, посебно создадени и заеднички зацврснати, и прекрасните Бране и Светле. Често скокнувам и до Белград да се видам со Тања и Немања кои се лоцирани во Абу Даби: нашите муабети до доцна во ноќта, иако не сум имуна и на лесковачка скара…
Нашиот или вашиот начин на животот го нема никаде на светот, а сум видела многу земји, освен во Италија. Ах! Еуфорија, муабети, убава храна, смеење, ајвари, џемови, цедиња со македонска музика, со кои моите луѓе ме испраќаат и ми ги полнат коферите.
Ве сакам и со нетрпение го чекам денот повторно да ги оживееме нашите работи што мене ми станаа најдраги ритуали.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени