Секој трет – хронично уморен
Без оглед на тоа што уморот што го чувствуваме го поврзуваме со зимата, загаденоста и недостаток на сонце, кога исцрпеноста трае подолг период, тогаш знаеме дека станува збор за синдромот на хроничен умор. Како што ни рече нутриционистката Тања Турунџиева, во последните години хроничниот умор се нарекува- состојба.
„Иако не е фатална болест, синдромот на хроничен умор може да биде поразителен за оние што живеат со него. Многумина се млади, навидум здрави луѓе. Констатирано е дека на овој синдром најмногу се жалат луѓе околу 30. година, додека односот жена – маж е во ’корист’ на понежниот пол“, вели Турунџиева.
Инаку, истражувачите го поврзуваат хроничниот умор со слаб имунолошки систем што го предизвикуваат вирусни или бактериски инфекции, херпес, микоплазма или кандида, кои почнуваат да преовладуваат во телото.
Во повеќето случаи, хроничниот умор не доаѓа одеднаш, тоа е, пред се` е резултат на долгогодишно мачење на телото со навики што се лоши за здравјето. Пациентот со текот на годините страдал од општ умор, ама тоа го сметал за нормална работа, како и сите околу него. Хроничен умор значат и годините во кои има покачен адреналин и стрес – така човек може да живее со децении, никогаш да не се опушти, а притоа да се храни нездраво. Тоа значи да го прави она што во моментот му годи – кафе, слатки работи, цигари, консумирање мрсна и процесирана храна, антибиотици, со што осетно се намалува енергијата.
Ослабен имунитет сеуште не се манифестира, ама еден поголем стрес во животот може да биде фатален – и да го колабира организмот. Синдромот на хроничен умор содржи многу секундарни симптоми, а раните фази најчесто се карактеризираат со акутни симптоми на грип, додека подоцна доаѓа депресија, раздразливост, главоболка, па и ниска температура, остра болка во мускулите, слабост, отечени жлезди, болка во грлото и дијареа. Освен тоа, хроничниот умор често е придружен и со губење на помнењето, конфузија и тешкотии со концентрацијата. Понекогаш пациентот не може да се сети и на наједноставни детали од секојдневниот живот и не може да го совлада емоционалниот и физичкиот стрес. Секако, забележани се и случаи каде што има нарушување на спиењето и ноќни кошмари, променливи расположенија, брмчење во ушите…
Како што не информира Тања, луѓето што страдаат од хроничен ама и од помалку сериозен умор треба да консумираат многу комплексни јаглени хидрати, затоа што нивниот дигестивен систем ги користи полека и овозможува добар, постојан извор на енергија за телото. Интегралните житарки, како и овошјето, зеленчуците, јаткастите плодови и суровите семки се одличен извор на комплексни јаглени хидрати. Потоа природно цедени сокови, особено оние од темнозелени зеленчуци – кељ и спанаќ, бидејќи овозможуваат голема количина ензими за јакнење на имунолошкиот систем. Овие зелени сокови се богати со хлорофил и треба да се пијат во големи количини (не е многу ни 6 чаши дневно), а во нив може да се додадат целер, краставица и лимон.
За да се ослободите од хроничен умор, јадете карфиол, брокула, дајкон, морков, ’рдокви и бела трупка. Луѓе што страдаат од овој синдром треба да внесат во исхраната висококвалитетни протеини од растителни извори, а и печурките се незаменливи. Потоа, риба што содржи големи резерви на омега 3-киселини е исто така многу важна за секојдневно консумирање, а доколку јадете животински протеини, тоа не смее да е повеќе од 250 грама дневно.
„Сите совети за здравје ја вклучуваат и водата, таа помага за елиминирање на токсините од организмот, а важни минерали се магнезиум, хром и цинк, исто како и витаминот Ц, Е, витамините од групата Б. Аминокиселината тирозин го зголемува производството на енергија во нашиот организам, а Q-ензимот, Q-10, аминокиселината глутамин, исто така, ја зголемуваат енергијата“ – заврши Тања Турунџиева.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени