Трагањето по љубовта на својот живот може да трае додека сме живи. Некој ја има среќата да ја пронајде, но некому цел еден живот му е потребен да ја најде својата втора половина. Еден од тие среќници, кој совршената жена за себе ја најде дури во Америка, е поранешниот манекен Илија Илов.

-Со Елена, мојата сопруга, се запознавме на забава, организирана од наша заедничка пријателка. Верувам дека луѓето се раѓаат еден за друг. Таква беше фрекфенцијата на која се најдовме. Многу брзо стапивме во љубовна врска. Таа е вистински добар човек. Ме освои нејзината смисла за хумор, разбирање и љубовта која неизмерно ја даваше. Знаев дека мојот живот и припаѓаше нејзе и на трети јули 2016 ја побарав за жена, вели Илија.

Иако на почетокот не личело така, сепак, времето кое го минувале заедно и потезите кои таа ги правела го натерале Илија да сфати- таа е вистинската.

-Таа е мојата втора – ведра половина. Имав многу тежок период во Америка. Кога сте далеку од вашата фамилија, кога вратите ви се затворени, кога сте суетен, вие сте давеник, кому секоја светлина му е мрачна. Елена е светлината во мојот живот. Огромна количина на себе – фрустрација сеев врз неа. Знам дека ја гушев со сопствената неисполнетост, но тоа беше посилно од мене и не можев да го контролирам. Депресијата беше придружна светлост во моите очи, но Елена како никој досега, вистински ја засака мојата темна и светла страна. Таа е единствената која ја запозна мојата есенција, без никаква маска и се заљуби во тоа каков што сум. Благодарение на неа, мојот живот стана жив, вели тој.

Надополнување на нивната среќа е ќеркичката Лана, која не само што им ги сменила животите, туку и комплетно ги реализирала.
-Лани на втори април се родив како татко. Лана тоа утро дојде на свет. Од тој ден, за мене, слабоста е апстрактна именка. Со нив две, секоја цел е лесно остварлива. Таа е најдобрата мајка. Денес имаме изградено топол, хармоничен дом, во кој секој е добредојден. Околку нас ги зајакнавме семејствата, нејзините ги гледам како свои родители, а неизмерно сум среќен кога го гледам и’ нејзиниот однос со моите родители, додава Илија.

Кога човек е комплетно среќен, тогаш посакува тоа да го сподели. Така Илија и Елена решиле да направат свадба, на која заедно со најблиските ќе се радуваат и ќе ја слават љубовта.
-На трети минатиот месец направивме свадба, се одржа нашата венчавка и крштевката на Лана. Свадбата се одржа во хотел во Струга. Ние оваа свеченост, ја замислиме како веселба во која секој би се згрижил во нашата љубов и хармонија. Сите што присуствуваа можат да потврдат дека таа вечер сите ние славевме, вели Илија.


