Љупче Крстевски, професор во СОУ„Наум Наумовски-Борче“: Покрај знаење, нашите ученици се опремуваат со огромна љубов кон идната професија
Љупче Крстевски е млад човек, потполно предаден на професијата – професор во СОУ„Наум Наумовски-Борче“ во Крушево каде од 2018 година предава готварство, угостителско послужување, кетеринг менаџмент и практична настава. Вреден и темелен се усовршуваше и понатаму па сега во неговото SV пишува – магистратура на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и веќе од 2015 година се стекнува со титула- магистер по менаџмент за човечки ресурси.
Љупче е омилен помеѓу учениците кој своите знаења вешто и со многу љубов им ги пренесува на овие млади луѓе. Во ова интервју зборува за училиштето, обврските, тимот на професори и што е адутот и мотото на „Наум Наумовски- Борче“.
Веднаш на почетокот: што добиваат идните готвачи и угостители низ училишниот процес во СОУ„Наум Наумовски-Борче“ во Крушево?
– Секако, посветеност, внимание, трпеливост, стручен наставен кадар, одлични услови за работа, знаење, а понатаму и – санитарен преглед за секој ученик на секои шест месеци што ги покрива школото, организиран превоз за оние ученици кои ни се запишани од другите населени места, и нормално диплома која е вреднувана, каде и да појдат.
Може ли да се насети зошто учениците се запишуваат токму во вашето училиштe, се чувствува ли љубов кон идната професија?
– Ќе речам, кај учениците преовладува љубовта кон професијата, кон храната и тоа е клучен, пресуден фактор за запишување. Понатаму, нашето училиште нуди прекрасни услови за спроведување на воспитно-образовниот процес, примена на современи техники и методи во наставата. Не би ги изоставил вниманието и посветеноста кон секој ученик, што овие млади луѓе ги привлекува да станат дел од нашето големо семејство.
Како се надоградува нивното знаење, што вели вашата пракса? На кои се натпревари сте биле, обуки што сте ги посетиле?
-Учениците во текот на една училишна година се стекнуваат со практично знаење преку практична настава која се реализира во училишната кујна и ресторан. Покрај теоријата која ја совладуваат, истата треба да ја применат преку праксата еднаш неделно и во некои угостителски објекти во Крушево и Прилеп: истите се социјални партнери на школото, и таму се под менторство на шеф на кујна, шеф на сала, шеф на рецепција, се разбира во согласност со наставната програма за која се определил ученикот.
Во поглед на обуките, за прв пат по иницијатива на претседателот на Национална асоцијација на готвачи во Македонија „ГАСТРОМАК“, Г-ѓа Адријана Алачки, а во организација на нашето школо, се одржаа мастер класови од познатите гастрономски асови од екс- југословенските простори за учениците од различни профили, на кои им беа презентирани различни теми поврзани со гастрономија, хотелиерство, слаткарство и натпревари.
Во делот на натпреварите, можам да кажам дека нема натпревар на кој нашето училиште не земало активно учество и освоило награди.
Тука само ќе напоменам неколку натпревари, а тоа се: Интернационален натпревар по гастрономија на островот Брач- Хрватска, Интернационален натпревар по гастрономија „ГАСТРОМАК“, натпревар по сихронизирано послужување во Сплит- Хрватска, Роштилијада во Лесковац- Србија, во Бугарија, Лидер на струка организиран од Министерство за образование и наука, Компиријада во Кратово, Учество на МАССУМ (Младинска асоцијација на средни стручни училишта во Македонија) …се само неколкуте на кои активно земаме учество како школо. Тоа е еден мотив за учениците да учествуваат на овие натпревари и да застанат рамо до рамо со познатите светски готвачи.
Како вие како тим на СОУ „Наум Наумовски-Борче“, соработувате меѓу себе и имате ли соработка со други училишта?
-Нашиот тим се состои од пет професори по посебно стручни предмети од областа на гастрономијата, послужувањето, агенциското и хотелско работење. Секогаш добрата координација и поделбата на работните задачи на секој поединечно од колегите, дава позитивен резултат. Нашето школо има склучено меморандуми за соработка со угостителско-туристичките школи од Струга, Гостивар, Лесковац-Србија, Печуј-Унгарија и истите тие меморандуми за соработка предлагаат размена на ученици и професори, размена на стручна литература, стекнување на нови искуства, не само за децата туку и за нас професорите и нормално достоинствено претставување на нашето школо, струката, град, традиција и култура, на државата во целост.
Кој е вашиот училишен адут, знак на препознавање?
– Мотото на нашето школо гласи: „Разликите се нашиот идентитет“ со оглед на тоа дека во нашето училиште се запишуваат ученици од различни националности: Македонци, Власи, Албанци, Роми… Секогаш кога настапуваме без разлика на каков настан се препознаваме по тоа, но и под паролата „Овде го учиме животот“. Ќе повторам пак, навистина сме едно големо семејство во едно мало, а сепак „бурно“ школо.
Секоја генерација носи нешто ново, по што се издвојува оваа?
-Да, секоја генерација е различна, но ме радува фактот дека интересот за да се стане професионален готвач, менаџер на сала, хотел, рецепционер, туристички водич е зголемен, учениците го учат она што си замислиле дека ќе бидат во иднина, а тоа е доста добро кога самиот ученик, како поединец знае каде припаѓа.
И за крај, кои ви се активностите во следниот период?
-На активностите никогаш им нема крај. Учениците сега ќе земат активно учество на „Компиријада-2022“ во Кратово, со јадења подготвени од компир, потоа очекуваме покана за учество на лидер на струка, во тек се преговори и организација за посета на саемот за туризам во Белград- Србија, посета на винарии, посета на Меѓународен аеродром-Скопје, во најава ни е една прекрасна соработка со Slow Food Macedonia и уште многу други активности за кои, ние како тим секако дека сме подготвени заедно со нашите ученици да одговориме на предизвиците што ни претстојат.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени