Алка Вуица, музичарка со посебен и претпознатлив сензибилитет, авторка на многу хитови, седум албуми (Лажи ме, За тебе чувам себе, Алкатраз, Балкан грл, Професионалка, Циркус и Алкина кафана), која неодамна го прослави 60-тиот роденден, по 16 години апстиненција се враќа на сцена, и тоа како изведувач.
Со одличната „Луѓакиња“ („Luđakinja“) Вуица го најавува студискиот албум, на кој интересно е дека соработува со Марија Мирковиќ, некогашната членка на бендот Фрајле, која по заминувањето од составот реши максимално да ѝ се посвети на авторската работа. Токму Марија е дел и од авторскиот тим на темата „Луѓакиња“, односно нејзина е музиката, Алка е текстописец, додека аранжманот е со потписот на Драган Брнас – Фудо.
Видеозаписот го потпишува Жељко Јурешиќ. Алка за песната вели: „Таа е вистинска женска химна. Тоа е песна која ќе остане и долго ќе се слуша. Со Марија како композитор сум соработувала и порано, но ова е нешто сосема поинакво од она што сме го правеле, прилично е кантавторски и лично. Мило ми е што токму оваа тема е одбрана за прв сингл.“
Фото: Инстаграм