Ај фил фуд. Кинеска година на Стаорец, вирусот „Корона“ и пикантна кинеска храна

Деновиве имаме „напад“ на Корона, мистериозен смртоносен вирус што доаѓа од Кина и, ѝ се заканува на планетата земја. Се сее паника, слична на онаа од 2003, кога почна да се шири САРС. Повторно чувство на неизвесност, на сознанието дека сме само прашинка која најлесно исчезнува.
Почнува година на Стаорец, по кинески, што ќе донесе – незнам, ама ми се крева косата од самата помисла на нив. На стаорците, де.
Овие актуелности се неславен вовед но патоказ и за убавината што доаѓа од Азија, бидејќи светот лудува по кинеската кујна.
Искрено кажано, за храната се махери.


Светската здравствена организација ги фали на сите усти затоа што нивната кујна има девет проценти помалку маснотии од американската и кинезите ретко имаат проблеми со срцето.
Затоа ќе речам – културата на исхраната на Кина, освен спомнатата планетарна популарност не е повеќе нерешлива мистерија. Ја има насекаде и веќе не е прескапа, како што беше.
И уште нешто интересно – ретки се дебели Кинези а еве и зошто – храната ја варат, ја јадат додека е топла, за да ги впијат сите корисни состојки, комбинираат различни бои и миризби, и тоа, сума сумарум изнесува 1.200 калории дневно, што во превод значи двапати помалку од европската кујна.
Кога просечен Европеец би го применувал нивниот начин на исхрана, не би имал проблеми со килажа, и без напор секој месец би слабеел по 3 килограми!
Во кинеските кујни, најчесто отворени и интересни за опсервација, готвачите се зен- мајстори: поради начинот на термичката обработка на храната, сечкањето и брзината со која ја сервираат, а потоа и носењето на масата што не се мери во минути, туку во секунди, се нешто ме наведува на помислата дека се од некој друг Универзум.


Храната, никогаш не се сметала за херојско дело, ама знае да крепи и плус, дава енергија. „Да се задоволиш со едноставен ориз и со малку вода за да живееш, свитканата рака да ти е перница и во тоа да најдеш среќа“- учеше Конфучие- „е богатство поголемо од сите“ и- токму оризот го има пиедесталот.
Чист (празен), во комбинации со зеленчук, јајца, пилешко, свинско, телешко, печурки…
Оризот е база, почеток и крај на секое кинеско јадење, велат не дебелее, сиромашен е со масти, а богат со шеќери а еден филџан има 82 калории.
Адут плус, така да го нарачам, се и витамините (Е и Б), минералите, (најмногу фосфор и калиум, а помалку калциум, ама и магнезиум, железо, бакар, цинк, натриум) е се` што е неопходно за воспоставување физиолошка рамнотежа на имунитетот.
Мојот најголем адут е лутиот ориз со пилешко, поради лутото. Демистифицирано е се околу неговата лековитата моќ- капсаицинот, што има хемиски сличности со лекот гваифенезин, познат како средство за искашлување што се наоѓа во 75% од лековите што се продаваат на рецепт или без него.
Но, мене лутото ми ја изострува перцепцијата на светот околу, а оризот ми е база и перниче за смирување.
Кинеските јадењата се убави – шарени зеленчуци, брокула, зелка, морков, тиквички, пиперки, кромид, компир… Варени на пареа, крцкави, благи, кисели и вкусни.
Потоа, нудлси тенки како конец, пилешко со печурки – тазе и автентични во подготовка, свински ребренца со богатство од пикантерии. Арно ама, оваа гастрономска приказна поради специфичниот вкус и фантастични комбинации е вистински магнет и за најпребирливите, кои во оброците и сервирањето ќе најдат и многу симболика што ќе ги натераат да не јадат сами.


Имено, Кинезите од десетици тацни и чиничиња што преставуваат оброк прават вистинска драма што има смисла кога е големо друштвото.
Колку вистински пријатели, не мислам на овие со многу нули, виртуелните од социјалните мрежи, ќе ги седнете на вашата софра?
Животот, ако сте волни да го слушате дава убави лекции, а една од поекспонираните е никогаш да не велите – никогаш.
Вештина или техника, што и да е во заднината, ја има величенствената поука – никогаш да не седнувате сами на масата.
Валентина Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени