Ај фил фуд. Среќна и тажна храна

Чудно време, чудни правила, а најчуден е нашиот, да не речам, мојот мозок, кој меморира, складира и чува и што треба и што не треба. Не ме слуша, тој си е држава сам за себе, си прогласил автономија и деноноќно, како на лента, ги полни менталните фајлови…

На пример-биковите се далтонисти, а делфините – шпиони. Зошто? Затоа што спијат со едно око, за разлика од кравите, кои, како луѓето, си ги затвораат очите и знаат да „послипаат“, како и ние. Потоа, си приспомнав дека кучето има 17 коски во уво, а слонот – сто илјади мускули во сурла, а ниту една коска, а ушите, природно, му се замена за еркондишн.
Мозокот има и селектирани сентиш-теми – црвите се со по 5 срца, а зајак може да доживее срцев удар! Коњ не повраќа, а луѓето како што стареат стануваат како златни рипки – помнат по три секунди. Се разбира, во однос на блиско, најблиско минато. Ама од лично искуство знам дека ако ги прашате за младоста, ќе треба да си обезбедите столче за потседнување.
Што се однесува до една од најголемите радости во животот, храната, тука и да сакам не можам се` да запомнам – денес се пласираат едни правила, а тие веќе утре се депласирани. Првин јадете бел, потоа црн леб. Има фарба, нема фарба. Маргарин, потоа путер, па – презреана банана, потоа – исфрлете ја и – маслинки и леб како најфатална комбинација за дебелеење?! Ви се верува ли?


Но, она што го признавам и почитувам е дека храната и расположението се на „ти“. Можеби се и поинтимни, толку се сплотени во дејствувањето. Кој не знае дека – салати, сирења, пити, пинџури, макала, па уште и некое ќебапче што потскокнува, месо фрлено на скара, млад кромид и лута пиперка (најдобро потпечена и наросена со лук и магдонос), сето тоа подмачкано со „огнена вода“ – прави чудо, огномет од емоции. Ете весели лица, ете оптимизам во најава, среќа како детоксикатор од затруените мисли. И тоа најчесто се коси со научните трудови, медицинските, нутриционистичките совети. Да се држам до своето или да го слушам нивното?
Главниот „лик“ за расположението се аминокиселините затоа што произведуваат среќа сместена во хормонот сератонин. А еве и како ќе го насмеете телото однатре – ќе каснете риба и ќе ја намалите депресијата, колку повеќе омега три – тоа помалку солзи. Ако не знаеш што е најдобро, гледај што е најскапо, ми оди во прилог на теоријата дека за оваа намена е најдобро да се „лапне“ лосос… Спанаќ, поради фолна киселина, која ги заштитува мозочните клетки… Па, црно чоколадо затоа што ја намалува напнатоста.


А еве што гарант ќе ве направи несреќни – на прво место е чипс од компир, омилените грицки на тинејџерите и на оние што генерално не излегле од адолесценција. Јас него одамна го заменив со компир печен во лушпа. Велат дека шунка може трајно да ве растажи – модерните, современите шунки се прават од товени прасиња кои се наклукани со антибиотици, а на крај, запечатено со – шеќер и адитиви. Виршли и паштети – марш од нашите животи, исто како и газираните, слаткастите пијалаци со меурчиња. Или земете нешто конкретно, или останете си на вода.
И уште една „ситница“, во која ама ич не верувам. Замислете си дека најдепримирачка храна е ѓеврекот! Причина – голема количина преработени јаглехидрати, кои ја симнуваат енергијата и онерасположуваат. Тие слатки крцкави тркалца, чии семчиња сусам ги собирам небаре се скапоцени камчиња, се нашите душмани?! Списокот е долг, ама ќе запрам затоа што ѓеврекот ми го скрши срцето.


Сепак, не оди без заклучок, а тоа ќе биде потсетување дека најголемиот отров сме си самите на себеси. Јадеме колку да го наполниме желудникот, не гледајќи ни што, ни со кого сме на маса.
За почеток, набавете си пријатно друштво, некој што ќе ви ги тргне облаците од челото, а не мора да е маж.
Потоа преминете на храна.

Валентина Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени